Во Македонија најмногу се фрла овошје и зеленчук, а најмалку живина и риба. Податоците што јавно се објавуваат, покажуваат дека во Македонија годишно се фрла храна во огромни количества, кои можат да нахранат приближно 13.000 граѓани со три оброци дневно. Годишно се фрлаат околу 12.000 тони храна во услови кога околу 460.000 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да обезбедат по три оброци дневно.
Според предлог-законот, планирано е да се направи регистар на сите фирми што имаат вишок храна. Народните кујни ќе бидат должни да ја преземат и да ја поделат, а потоа ќе треба да пријават дека храната е стигната до крајните корисници за да нема злоупотреби. Преземањето храна ќе биде на принципот „прв дојден – прв услужен“. Законот предвидува големи парични казни, затворање на објектите, дури и казни затвор за спречување злоупотреби.
Во народните кујни велат дека досега вишокот храна се третираше како донација.
„Оброците стигнуваат кај нас во возила со ладилник, спакувани во посебни садови, по што се делеа на крајните корисници, но сè се правеше премолчено, бидејќи немаше законско решение. Се надеваме дека системот што ќе се воспостави, конечно ќе профункционира, ќе биде добар и ќе се почитува“, велат од народните кујни.
Невладини здруженија со години се обидуваат да го озаконат овој сегмент со намера повеќе компании да бидат вклучени во донациите, а со тоа и повеќе граѓани од ранливите категории да бидат опфатени во програмите и да добиваат од храната која сега оди во отпад.
„Со носењето на законот ќе се овозможи правна рамка која ќе обезбеди олеснети процедури и брза прераспределба на храната од донатор на вишок на храна до краен корисник. Ќе се воспостави транспарентен начин на прераспределба на храна преку електронска платформа како централна база на податоци за количини на донирана храна, регистрирани оператори со храна кој досега не постоеше и ќе се поттикнат донатори на вишок на храна да донираат на оној на кој му треба“, се наведува во причините за изработка на овој закон.
Главните цели на законот се организирање ефективен проток на безбедна вишок храна преку системот за донирање до корисниците утврдени со законот. Потоа придонес кон човековото право за пристап до храна, овозможување усогласено одвивање на процесот согласно начелата на солидарност, хуманост и начелата за хигиена и безбедност на храната иограничување на негативните ефекти врз животната средина преку намалување на отпадот од храна.
Под „вишок храна“ се мисли на храна која е произведена и ставена во промет согласно Законот за безбедност на храната. Станува збор за храна која непродаденa или непобаранa заради недостаток на побарувачка, повлечена од продажба бидејќи не ги задоволува стандардите на продажба на фирмата, храна на која ѝ се приближува крајниот рок на траење, залихи, како и храна која поради технички недостатоци (недостатоци во ознаките, пакувањето, тежината, грешки во поизводството, оштетувања од метеоролошки услови и други физички недостатоци) не може да се пушти во промет, а која ги исполнува условите согласно прописите од областа на безбедност на храна.
Во истата категорија спаѓаат и земјоделски производи од растително потекло, неискористена храна подготвена во маркети и угостителски објекти за исхрана, финални пекарски производи и дериватите на тесто од брашно произведени во пекарници кои немаат потреба од термички третман кои не се продадени или управувани во рок од 24 часа по производството, како и конфискувана храна безбедна за употреба.
Законот утврдува дека донирањето ќе се прави без профит, дека донарот може да биде физичко и правно лице кое исто така донациите ќе ги прави без профит, односно за општествена корист.
Краен корисник на донирана храна е физичко лице кое има потреба од храна. Корисници се даватели на социјални услуги за дневен и привремен престој и за вон семејна заштита, народни кујни, верски заедници и религиозни групи. Оператор со донирана вишок храна – посредник е домашно правно лице кое врши прибирање на донации од вишок храна за краен корисник. Прифатен центар за донирана вишок храна е објект кој се користи од страна на операторот со донирана вишок храна за складирање на донираната вишок храна до прераспределба на донираната храна до корисниците, пишува во законското решение поставено на ЕНЕР.






