Последен пример за оваа синергија меѓу општината и инвеститорот, со помош на главно две планерски куќи од Гостивар – Урбан планер и Полог проект, е и новиот урбанистички проект на само четириесетина метри од скијачкиот центар (катастарска парцела 2010). Со користење стари правилници, кои веќе не се важечки, и лажење за котите на теренот, во почетокот на годинава донесен е проект надвор од сите хумани норми на градење.
Во проектот за КП 2010, кој не е означен како хотел или апартмани, најдолните нивоа се означени како подруми (помали комуналии), а всушност се сутерени. Ова јасно се гледа од самиот проект, ако се види едната страна. Објектот, со лажирање на котите, има дури седум нивоа, а во реалноста сите тие ќе бидат видливи.

Според последниот Правилник, над теренот смее да има само 3 видливи нивоа – приземје и два ката. Но, во овој случај, поради косината на теренот, се прави обид дел од катовите да се прикажат како подруми. Ова значи официјално помала станбена површина за плаќање комуналии. На сопственикот му е одобрено да гради над дозволените граници, со потпис на секторот за урбанизам во општината.

Инаку, пристапот до самата локација и пред изградбата на објектите на Фортон беше тесен, патче од 2,3 метри ширина, сосема несоодветно за потребната градежна механизација, а и за очекуваниот зголемен број возила. За проектот, со ваквото изигрување на станбената површина, отворено е и прашањето за бројот на паркинг-места, што е обврска според законот. А тој број на паркинг-места сигурно е пресметан според површината на проектот, која е многу помала од реалната поради лажирањето со подрумите. Тука ќе се гради на преку 70% од површината на самата парцела.

Според слободна проценка на експертите, на теренот ќе мора да се копа најмалку 12 метри во длабочина поради големата косина. Тоа значи, како и во други случаи во околината, загрозување на статиката на околните куќи на локалните жители и опасност од можно свлекување на целото околно земјиште.
Парцелата на која е незаконски одобрено да се гради е во сопственост на лицето Игор Трајковски. Се работи за истото лице за кое пред 6 месеци беше поништен еден друг одобрен урбанистички проект во близина на училиштето во селото. Поништувањето на овој проект дојде како резултат на реакцијата на жителите на селото Маврово. И тука стануваше збор за ист обид за криење на катноста и површината на објектот во однос на котите на теренот. За ова МКД.мк веќе пишуваше уште лани во март.
Рецептот за издавање дозволи на помали објекти што потоа се поврзуваат во големи објекти веќе е применет во комплексот на Фортон до скијачкиот центар, каде што веќе се изградија 180 стана од „модерниот резиденцијален станбен комплекс“ (градено според правилник кој веќе не важи). Тогаш, во септември 2020 година мавровските урбанисти нѐ убедуваа дека таму ќе се градат 33 викенд-куќи со висина од најмногу 8,2 метри. И за ова МКД.мк пишуваше во септември 2020.
Ова е знак дека Општина Маврово и Ростуше издава одобренија без да ги има предвид потребите за развој на инфраструктурата – ширина на пат, капацитет на вода за снабдување, подобрување на електричната мрежа…
Жителите на селото Маврово пак реагираат. Тие велат дека за овој проект (КП 2010) веќе испратиле претставка и до градоначалникот Медат Куртовски и до Општина Ростуше Маврово. И тука тие укажуваат на непланската градежна експанзија во Маврово, а особено за градба на станбени згради и нивната катност. Овие згради се градат најчесто со изработка на архитектонско-урбанистички проекти (АУП), се дооформуваат парцели и градбите се прикажуваат како „индивидуални куќи во низ“. Таков е случајот и со новите објекти под хотелот Макпетрол, предупредуваат на уште еден проект мештаните. И за овој проект АУП-от за индивидуални градби е изработен од Урбан планер од Гостивар, а во стварност се станбени згради. При ископот за овој објект, пред неколку дена дојдено е до напукнување на потпорниот ѕид кон хотелот Макпетрол, по што бил направен и увид од полицијата.
Не се води сметка за ништо освен за личен интерес на инвеститорите, а поради ова сѐ посериозен проблем станува снабдувањето со вода и намалениот притисок, сѐ почести се прекините на струја, за приодните патишта уништени од досегашната градежна механизација никој не се грижи…, велат мештаните.
Интересно е дека истото лице, Игор Трајковски, пак се јавува и како сопственик на парцела и инвеститор и на овој проект на катастарските парцели 2010. Претходно овие парцели биле сопственост на државата, по што стануваат сопственост на Ѓино и Лазар Симески, а подоцна со решение за законски наследник само Лазар Симески (според добиената потврда од слободниот пристап до информации за движењето на имотот на оваа парцела). Пред Игор Трајковски се споменуваат и имињата на Игор Лештар (април 2017), а потоа (19 ноември 2021) и TДИ Балдинг ДООЕЛ Скопје.
Истото се случува и сега со овој објект, кој е на сличен терен како и претходниот, помеѓу два пата, на кој треба да се прави ископ од 12 метри, што ќе ги загрози објектите што се над парцелата. АУП за овој објект го прави Полог проект, исто од Гостивар, и автор на плановите за уште неколку вакви проблематични парцели. Од ваквите дадени дозволи очигледно е дека началникот за урбанизам на општината Садредин Елезовски (човекот кој се закануваше на новинари од редакцијата на ИРЛ) не ни излегува на терен пред да го потпише одобрението за АУП-ите и дозволите за градба.
„Очигледно е дека за општината најважно е да се земат парите за комуналии не водејќи сметка за јавниот интерес. Никој не е против развивање на Маврово, но со план, со нови патишта, водоводи, инфраструктура, а не со хаос“, велат од Месната заедница Маврово.
Од Општина Маврово Ростуше освен љубезниот одговор дека нашето прашање е примено и ќе биде проследено до „надлежните во општината, т.е. до сите што имаат информации од наведеното во вашиот текст. Штом ќе ги добијам информациите, ќе ви ги пренесам во целост“. Ова е одговорот на портпаролот на општината Фикрет Ибраими што редакцијата го доби уште на 3 јули. И толку од нив.
За можните неправилности со ова последно одобрување за градба се упативме и до Државниот инспекторат за градежништво. „Во врска со вашето барање-претставка, отворен е предмет во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Бидејќи се работи за сложен предмет, кој е воден во електронскиот систем е-урбанизам ќе биде потребен временски рок согласно законот, за што ќе бидете уредно известени“, ни одговорија од ДИГУ.
И од граѓанското здружение Спас за Маврово ни велат дека многу пати досега реагирале директно во општината, кај градоначалникот Куртовски за овој хаос што се случува во Маврово со неконтролираното издавање на дозволи за градба, но освен ветувања – нема никакви конкретни потези. „Градоначалникот е секогаш многу љубезен, вели дека го разбира нашиот револт и дека ќе стори сѐ што е во неговата надлежност овие проблеми да се надминат. Но, проблемите не само што не се надминуваат, туку само се трупаат“, велат од Спас за Маврово.
Чекаме на одговорот од општината и на евентуалната постапка на Државниот инспекторат за градежништво.
A.Д.
Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.






