„Енергетската заедница отвори случај против нашата држава за прекршување на договорот за приклучување кон Енергетската заедница на ЕУ поради неспроведување на законската обврска за оцена на влијанието врз животната средина. Како резултат на отворениот случај пред Советот на Европа против Македонија за наводното прекршување на Бернската конвенција, беа усвоени препораки кои бараат од нашата држава да ги раскине концесиите за мали хидроцентрали во заштитените подрачја и да не дозволува изградба на вакви проекти во иднина. Во 2022 година акцентот се стави на хидроцентралите во Националниот парк Маврово, каде се побара раскинување на концесиите за Жировница 5 и 6 и Рибничка“, реагира Еко-свест.
„Пред само два дена бевме сведоци на ново прекршување со продолжување на концесиите за хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина, при што реагираа и од управата на паркот. Очигледно е дека и ветувањето за забрана за мали хидроцентрали и обврската за нивно откажување не се почитуваат од нашите институции. Со ваквите постапки се нанесува директна штета на природата и здравјето на луѓето, а за тоа некој мора да поднесе одговорност“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, која посвети повеќе од осум години заложувајќи се за заштитени подрачја без хидроцентрали.
Еко-свест предупредува дека непочитувањето на националните и меѓународните обврски за заштита на животната средина од страна на нашите институции ќе доведе до неповратно уништување на нашата природа и водни богатства. Економскиот развој може да оди заедно со заштитата на животната средина, без меѓусебно да се исклучуваат, но изградбата на хидроцентрали во најзаштитените и највредните наши природни подрачја е неприфатливо и неосновано бидејќи тие проекти не носат придобивки, туку само причинуваат неповратна економска и еколошка штета за целото општество. Притоа, најзасегнати се локалните заедници и пристапот до чиста вода за пиење за граѓаните.
Бернската конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природните живеалишта во Европа која како меѓународен договор нашата земја ја ратификуваше во 1997 година, а со тоа таа стана интегрален дел од нашето законодавство и нејзиното почитување се третира како наша законска обврска.






