Протестниот марш почна од Владата преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од кое побараа да одлучува според најдобрите еврпски стандарди кога на 12 март цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола.
На протестот говореа граѓани кои живеат во близина на цементарницата, од населбите Лисиче и Кисела Вода, и побараа компетентност од надлежното Министерство кога ги одобрува дозволите на индустриските капацитети.
Драган Кавраков, дипломиран технолог кој живее во близина на цементарницата рече дека е директно засегнат, кажа дека според А-интегрираната дозвола што сега ја има „Усје“, може да произведува 1.750.000 тони цемент годишно и дека количеството гориво што ѝ е потребно за согорување е приближно двапати поголемо од количеството што сите возила во Скопје го трошат за една година.

Учеснците во протестот бараа од „Усје“ да биде општествено одговорна компанија и да дозволи 24-часовно јавно и независно мерење директно од оџаците на цементарницата зашто во спротивно, порачаа тие, се зголемува сомнежот кај граѓаните.






