понеделник, 2 февруари 2026

Еко свест со отворено писмо до премиерот Мицкоски за Бошков мост: Економски неисплатлив и неодржлив проект

Невладината еколошката организација „Еко свест“ во отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски изразува огромна загриженост од неговата неодамнешна најава за можно реактивирање на проектот за хидроцентралата Бошков мост.

Објавено на

часот

Сподели

„Како граѓани и заштитници на природното наследство, должни сме да ве потсетиме дека овој проект е во спротивност со националните закони, меѓународните обврски и современите еколошки стандарди и претставува директен и сериозен ризик за интегритетот на Националниот парк Маврово. Проектот Бошков мост произлегува од застарен концепт кој одамна ја загуби својата легитимност“, реагираат од Еко свест.

Како клучни причини за ваквата реакција екологистите ги наведуваат прекршувањето на меѓународните обврски (Бернската конвенција), но и економската неисплатливост и неодржливост на проектот.

„Република Македонија како потписник на Бернската конвенција има обврска да ги почитува препораките на Комитетот за зачувување на дивите видови и живеалишта. Во случајот со Маврово, комитетот уште во 2015 година укажа дека изградбата на Бошков мост директно ја загрозува репродуктивната средина и опстанокот на балканскиот рис, критично загрозен вид кој го има своето последно прибежиште токму на оваа локација. Комитетот јасно повика на стопирање на сите хидроенергетски проекти во рамки на паркот. Дополнително, Бернскиот комитет во 2025 година констатираше дека не е постигнат значаен напредок во исполнувањето на препораките, вклучувајќи го и откажувањето на сите концесии и итното репрогласување на паркот согласно меѓународните стандарди.

Студиите на независни експерти и меѓународните финансиски институции веќе покажаа дека овој проект е економски неоправдан. Трошоците за изградба, во споредба со минималното производство на електрична енергија и огромната штета врз екосистемот, го прават проектот чиста загуба. Во време кога соларната и ветерната енергија се поефикасни и поекономични, инвестицијата Бошков мост  би значела чекор назад во енергетската политика“, се наведува во отвореното писмо на Еко свест. .

Земајќи ги предвид овие факти, тие упатуваат  конкретни две барања до Владата: итно спроведување на препораките на Бернската конвенција и отфрлање на сите планови за хидроенергија во заштитените подрачја, како и итно репрогласување на НП Маврово, кое ќе оневозможи идна деградација на паркот.

„Долгогодишното одложување на репрогласувањето на Националниот парк Маврово создаде правна празнина, која директно овозможува реализација на штетни инфраструктурни и градежни проекти во срцето на паркот. Наместо исклучок, ваквите интервенции станаа практика што постепено го разградува интегритетот на едно од највредните природни подрачја во државата.

Репрогласувањето на Маврово не е административна формалност, туку единствениот механизам за воспоставување јасна, обврзувачка рамка за заштита, усогласена со IUCN-стандардите и меѓународните обврски на државата. Само со нов закон за НП Маврово може конечно да се стави крај на практиката на ад-хок одлуки, притисоци и проекти кои го жртвуваат јавниот интерес и природното наследство за краткорочни цели.

Истовремено, репрогласувањето ќе воспостави рамка за одржлив развој и економска сигурност на локалното население, преку поддршката на одржлив туризам, традиционални дејности и зелени економски активности.

Секое понатамошно одложување на репрогласувањето значи продолжување на деградацијата на Маврово и преземање свесен ризик за едно од највредните природни подрачја во државата“, порачуваат од Еко свест.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ