Во одговорот на Европската комисија се вели:
„Свесни сме за истражните активности што ги спроведуваат властите на Северна Македонија во врска со сомневањата за потенцијална корупција од страна на високо рангиран функционер во рамките на Агенцијата за ИПАРД.
Бидејќи се работи за парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно.
Со оглед на сегашните околности, Комисијата ја надополнува оваа национална одлука и, како стандардна превентивна мерка, одлучи да го прекине последното барање за плаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на програмата ИПАРД III. Оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма ИПАРД III.
Комисијата одржува редовна комуникација со Националниот овластен службеник (НАО) и со одговорните национални власти за напредокот во тековната проценка на ризиците и потребните корективни мерки. Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области во Северна Македонија, под услов финансиските интереси на Европската Унија да бидат соодветно заштитени“, се вели во одговорот на Европската комисија.
Пред два дена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информираше дека Европската комисија нема донесено одлука за суспензија на средствата од ИПАРД III програмата за Македонија.






