вторник, 15 јули 2025

ЕФА: Постоењето на македонското малцинство е „техничка грешка“, поради која Бугарија не ги спроведува одлуките на ЕСЧП

Минатата година, шест македонски организации залудно се обидоа да се регистрираат и добија вкупно најмалку 19 одбивања. Две од нив, кои добија случаи во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), добија по 5 одбивања: Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија – жртви на комунистичкиот терор и ОМО „Илинден“. Другите четири се: Здружението за заштита на основните индивидуални права, чија регистрација беше отповикана (2), Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ (2), Обединетата Македонска Организација „Илинден“ – Пловдив (4) и Обединетата Македонска Организација „Илинден“ – Благоевград (1), се наведува во извештајот на Европската слободна алијанса за положбата на македонското малцинство во Бугарија, за 2024 година.

Објавено на

часот

Сподели

Бугарските судови продолжуваат да одбиваат регистрација на македонски организации со истите мотиви и методи, за кои постојано се осудуваат од ЕСЧП и Комитетот на министри при Советот на Европа.

Одбивањата на бугарските судови за спроведување на пресудите на ЕСЧП и регистрација на македонските здруженија, секогаш се засноваат на „вечниот“ изговор – непостоење на малцинството. Официјалната политика и институциите во Бугарија не отстапуваат од тврдењето дека нема македонско малцинство во Бугарија и затоа нема причина за постоење на такви организации.

„Врз основа на претходното тврдење, работата во одбрана на македонската самосвест и традиции се толкува како намера за наметнување на туѓа етничка свест меѓу бугарското население. Работата во одбрана на македонската самосвест и традиции понекогаш се толкува како цел за создавање поделба и спротивставување на етничка основа. Целите на организациите да работат во одбрана на македонското малцинство се толкуваат како обид за создавање привилегии на етничка основа или обратно – за кршење на правата на другите граѓани. Секое споменување на македонското малцинство, етничка припадност или самосвест се третира како неуставно, насочено против единството на нацијата и територијалниот интегритет на земјата. Судиите, надминувајќи ги своите законски овластувања, ја преземаат улогата на ‘арбитри на историјата’ и ја проценуваат релевантноста и валидноста на историските датуми и настани што кандидатите требало да ги слават, како и нивната поврзаност со одредена етничка група или нејзината историја“, се вели во извештајот на ЕФА.

Формалистичка „инвентивност“ на бугарските институции – технички грешки во документацијата

Но за избегнување на спроведувањето на пресудите на ЕСЧП, во интерес на овозможување на правото на здружување на Македонците како малцинство в Бугарија, бугарските судови не ја пропуштаат можноста на формалните аргументи, како на пример – грешки во документацијата.

Како „грешка во документацијата“ се провлекува манипулација со нејасните дефиниции на концептите „политички цели“, цели својствени за организација за јавна корист и цели својствени за организација за приватна корист. Потоа шпекулации со наводни неточности во документацијата, додека во обид да се пронајдат такви, се земаат крајности и се прават отворени шпекулации и барања што не се наведени во законот. Спротивно на законот и инсистирањето на Комитетот на министри на СЕ – не се даваат упатства за корекција на наводните неправилности, туку тие се прогласуваат за непоправливи и се издава директно одбивање.

„Институциите особено внимаваат да измислуваат формални причини за нивните одбивања, при што секоја инстанца се стреми да додаде повеќе и да ги стави на прво место, што е директно кршење на принципот на легалност“, се констатира во извештајот на ЕФА.

Секое ново барање за регистрација на македонско здружение се гледа низ призмата на претходните одбивања

На 22 јули 2024 година, бугарскиот Хелсиншки комитет го изрази својот став до Комитетот на министри на Советот на Европа, зошто и на кој начин бугарските државни институции не ги избегнуваат да спроведат пресудите на ЕСЧП.

„Агенцијата за регистрација го третира секое ново барање за регистрација на дадена организација низ призмата на претходните одбивања и бидејќи целите на организацијата да се бори на некаков начин во одбрана или корист на луѓето со македонска самосвест не се променети, ова се третира како нерешена неправилност и врз основа на тоа се издава одбивање. Така, кршењето на законот од страна на судовите и институциите станува закон сам по себе, а целите за заштита на македонското малцинство – неправилност што мора да се отстрани.  Судот не секогаш ги темели своите одлуки врз статутот и документите, туку на друг начин се стреми да ја „открие вистинската волја на основачите“, која ја толкува произволно и тенденциозно, со цел да одбие регистрација.

Судот им наложува на македонските организации да ѝ платат на Агенцијата за регистрација доколку поднеле жалба против нејзината одлука“, се наведува во една од точките на ставот на бугарскиот Хелсиншки комитет.

Така, спротивно на одлуките на ЕКЧП и Комитетот на министри, бугарскиот судски систем создава свое идеолошко толкување на законот, си изградил систем и рамка што го оневозможува регистрирањето на организација која меѓу своите цели поставува каква било заштита на правата на бугарските граѓани со македонска самосвест и интересите на македонското малцинство, или грижа за македонскотот идентитет и култура.

Сите оправдувања на Бугарија пред СЕ се сведуваат на – непостоење на македонско малцинство

Во извештајот на ЕФА се наведуваат неколку примери од 2024 година за одбивање на регистрација на македонско здружение во Бугарија, со образложение дека „негува кај одреден дел од бугарските граѓани различна етничка самосвест, која не е формирана на природен историски начин и затоа е насочена против единството на нацијата.“

„Активностите на здружението се дефинирани како заштита на обичаите и интересите на етничко малцинство во Република Бугарија, кое објективно не постои како посебна или друга утврдена група луѓе со религиозни, јазични, културни или други карактеристики што ги разликуваат од остатокот од населението во земјата. Со рекламирање на такво малцинство преку непрофитно здружение, создадено да ги задоволи нивните специфични потреби, тоа во суштина нема за цел да ги заштити нивните права, доколку тие не се различни од оние на другите граѓани, туку да негува кај одреден дел од бугарските граѓани различна етничка самосвест, која не е формирана на природен историски начин и затоа е насочена против единството на нацијата.

Заклучоците на првостепениот суд во врска со законитоста на одбивањето за регистрација на Здружението поради противречноста на идеите, целите и средствата за нивно постигнување што си ги поставува со чл. 44, став 2 од Уставот на Република Бугарија се точни. Член 44, став 2 од Уставот на Република Бугарија им забранува на организациите чии активности се насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет на земјата и единството на нацијата, да поттикнуваат расна, национална, етничка или верска непријателство, 29 да ги кршат правата и слободите на граѓаните“, се наведува во одлуката на Апелациониот суд во Софија, кој го потврдува одбивањето за регистрација на едно македонско здружение, донесено од првостепен суд.

Измислувањето формални причини и барања што не важат за другите организации, имаат јасна цел да послужат како покритие и оправдување пред институциите во Стразбур за вистинската етничка мотивација на дискриминаторските одлуки, се заклучува во извештајот на ЕФА.

„ Ова е дел од нова политичка линија, која се рефлектира и во најновите писма на бугарската влада до Комитетот на министри (почетокот на 2025 година), во кои се брани линијата дека нема етничка дискриминација, туку проблемот се должи на технички грешки, наводно направени намерно и со политички цели од страна на македонските организации, за да не можат да бидат регистрирани. Координацијата помеѓу аргументите што ги користи судството и оние што ги користи извршната власт кон Македонците во Бугарија е многу загрижувачки феномен, кој го разоткрива често користениот аргумент дека извршната власт не можела ништо да стори во врска со прашањето за регистрациите, бидејќи судството било независно (второто е добро позната невистина).  Институциите продолжуваат да бараат формални причини за да одбијат регистрација на македонските организации. Вообичаено, се шпекулира за прашањата за претставничката моќ на претседателот и годишниот состанок, имотните активности, честопати намерно мешани со постапката за ликвидација на здружението. Многу често, се шпекулира за недостатокот на место и време на основачкиот состанок во записникот, како аргумент дека не може да се утврди истоветноста на волјата на основачите, иако тоа не е предвидено во законот, тоа е оспорено во одлука на PAS и заедничката волја на основачите е јасно изразена во нивните потписи под записникот и статутот на здружението“, се некои од примерите што се наведени во извештајот на ЕФА, за „изговорите“ што ги користат бугарските институции пред Комитетот на министри на Советот на Европа, зашто повеќе од 20 години не ги спроведуваат пресудите на ЕСЧП за регистрација на македонските здруженија.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ