сабота, 12 јули 2025

Една пресуда нула одговорени прашања за двојното убиство на Вања и Панче

Четири казни доживотен затвор и една ослободителна пресуда е епилогот од случајот за двојното убиство од 2023 година на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Навидум правото и правдата се задоволени, но во воздух останаа да лебдат прашањата, зошто и со чиј пиштол беа убиени Вања и Панче, зошто истрагата уште на почетокот не го бараше мистериозниот „чистач“ на доказите, зошто и дали можеше да биде спречена оваа трагедија, дали и кој во алката на системот потфрли?

Објавено на

часот

Сподели

Рече-кажа. Веројатно вака, со два збора, може да се опише сѐ што се случуваше досега, а е поврзано со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес од ноември 2023 година за кое завчера беше донесена неправосилна пресуда од доживотен затвор за четворицата обвинети, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, а таткото на Вања, петтообвинетиот Александар Ѓорчевски беше ослободен од вина.

Како што почна истрагата така заврши судењето

Кој знае кога ќе се дознаеше било што за двојното убиство на Вања и Панче ако не беше притисокот од јавноста и сознанието дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и неговиот кум Гоце Трајковски всушност ја „разбудија“ полицијата и ѝ помогнаа по кој пат треба да се води истрагата.

Сомнежите дека нешто не „штима“ се појавија уште на 3 декември 2023 година кога за доцна вечерта беше закажана заедничка прес конференција на Министерството за внатрешни работи на Основното јавно обвинителство Скопје, која подоцна беше одложена и презакажана за следниот ден рано наутро. Објаснувањето на тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски беше дека се чекало да завршат распитите на тогаш осомничените како и некои претреси.

Сепак, она што ќе остане забележано е дека Спасовски и шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Гаврил Бубевски само ден по пронаоѓањето на телата на прес конференција ги објавија деталите за двојното убиство. Како што објасни тогаш Спасовски, девојчето било убиено од страв бидејќи веќе започнала истрагата за нејзиното исчезнување.

Мотивот е користољубие со што едно од лицата во договор и со знаење на член од семејството го организрало и го извршило кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката. Главниот организатор и извршител, кој со пиштол на 27 ноември 2023 според досегашните утврдени докази, некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката, бил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата, на веќе започнатата истрага веднаш после првата пријава за првото кривично дело“, изјави на 4 декември 2023 година Спасовски.

По ова, Спасовски веднаш како убиец на Ѓорчевска и Жежовски го посочи Љупчо Палевски за кој извести дека преку Србија избегал во Турција и дека за него се бара екстрадиција.

Она што остави простор за повеќе сомнеж беше изјавата на Бубевски дека тезата за тоа кој и како ги уби Вања и Панче се заснова само на исказите на тогаш осомничените Манев, Видевски и Кешишев.

Тие искази се поврзани со материјални докази и тука нема бегање. Значи тие искази одговараат на она што е пронајдено, така што, штом имаш материјален доказ и штом тој исказ веќе е даден пред јавен обвинител, во присуство на бранители, тој се поврзува со сите материјални докази кои што ги имаме веќе обезбедено и од ова бегање нема“, изјави во декември 2023 година Бубевски потенцирајќи дека во понатамошниот тек на истрагата ќе се бараат и други материјални докази.

Но и по завршувањето на истрагата, а подоцна и во текот на целото судење остнаа двете дупки во обвинеието, мотивот поради кој било извршено грабнувањето и причината поради која е извршено убиството. На судењето не беше презентиран ниту еден од најглавниот материјални доказ, а тоа е пиштолот со кој биле убиени Вања и Панче.

Иако првообвинетиот Палевски бараше, сепак не беше извршено вештачење на чаурата која беше пронајдена покрај телото на Жежовски, чаура за која Палевски тврди дека од испукан куршум од пиштол кој му припаѓал на обвинетиот Боре Видевски.

Според доказите кои ги изнесе обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, таа повикувајќи се на полициски извештаи, рече дека не можело да се направи споредба на оружјето кое го поседувал обвинетиот Боре Видевски со карактеристиките на пронајдената чаура, поради тоа што тој не направил пробно испукување.

Обвинителството допрва ќе го истражува „мистериозниот чистач“ на доказите

Да не беше обвинетиот Велибор Манев никој нема да дознаеше каде, според неговото признание завршил пиштолот со кој беа убиени Вања и Панче. Тој на тоа посочи во текот на судската постапка иако неговото име, го кажа дури на крајот, во завршните зборови.

Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка. Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери“, рече Манев.

Веднаш по исказот на Манев додека траеше судското рочиште се огласи Јавното обвинителство и ги потврди информациите дека е уапсен извесен Зоран Давитков, вработен во Народна банка, човекот за кој Велибор Манев кажа дека добил наредба од Љупчо Палевски „да се ослободи од ранецот“ во кој се наоѓал пиштолот, како и моторолите преку кои обвинетите комуницирале.

„Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинет во текот на вчерашното рочиште од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за помагање на сторител по извршено кривично дело. Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија“, соопшти скопското обвинителство.

Зошто досега не беше покрената истрага за наводите на Манев, од обвинителството не откриват.

Разногласие помеѓу обвинителките за куќниот притвор на Ѓорчевски

Она што ги остави во неверување пред сѐ адвокатите на обвинетите, а и целата стручна јавност е чудното однесување на обвинителките Јосифовска-Крстевска и Стојковиќ-Димитровска кога првата и покрај ослоботелната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, сепак побара мерката куќен притвор да му биде продолжена, а втората побара да му биде укината со оглед на тоа што тој беше ослободен од вина. Адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ го опиша Јавното обвинителство како „потполно конфузно“.

Почитуван суде, јас сум навистина затечен бидејќи едниот едниот застапник на обвинението предложи да се продолжи мерката куќен притвор, а истовремено другиот застапник на обвинението да се постапи согласно законот во случај на донесување на ослободителна пресуда, а тоа е судот да ја укине мерката куќен притвор“, рече Туфегџиќ пред судот.

И покрај ова за двете обвинителки нема дилема дека Ѓорчевски е виновен иако признаа дека не поседуваат директни и цврсти докази.

Немало ни да има грабнување без информацијата дека Вања сама ќе оди на училиште, двајца од обвинетите сведочеа дека токму таткото ја споделил таа информација, преку Љупчо Палевски и не можевме да го занемариме тој факт“, изјави вчера обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.

Таа рече дека тоа што го зборува се базира на докази.

Сведочењата на двајца од обвинетите се дел од доказниот материјал. Можеби немаме цврсти, непобитни елементи какви што посакувавме, но поединечната и заедничката проценка на доказите нè доведе до јасна одлука. Во однос на обвинетиот Александар Ѓорчевски, иако не слушнавме аргументи од судот, неспорен факт е дека само родителите знаеле дека детето ќе оди само во училиште“, рече Стојковиќ Димитровска.

Да не знаеле дека детето ќе оди по исклучок само, немало да има грабнување. Обвинителството не можеше да оди преку овој факт. Обвинителството не можеше да донесе поинаква јавно обвинителска одлука. Извесно е дека ќе вложиме жалба, нека одлучи повисокиот суд. Во однос дека обвинетите ја сменија изјавата за Ѓорчевски, тие не понудија ниту еден разумен факт и околност зошто го сторија тоа. Тоа дека имало некаква тортура над нив, не е реално, ниту се докажа. Ние ги анализиравме сите нивни искази, никој од нив не кажа дека е употребена сила. По сите параметри, исказите се покажаа како вистински“, рече Ана Стојковиќ Димитровска.

Судењето заврши, реакциите на стручната фела почнаа

Ден по објавата на пресудата не стивнуваат реакциите од стручната фела. Социјалните мрежи се полни со правни гледишта поврзани со постапката за овој случај. Како и вчера така и денеска адвокатот Владимир Туфегџиќ, на својот јавно достапен фејсбук профил направи анализа на, како што вели, конфузното и некоординирано однесување на двете обвинителки кои го застапуваа обвинението во овој случај.

Жаклина Крстевска-Јосифовска е носител на предметот и неа ќе ја наречам (Внимателната), а другата Ана Стојковиќ-Димитровска е дополнителен обвинител која ќе ја крстам (итрата). Во текот на целата постапка ‘Внимателната’ беше за воља на вистината, умерена, изјавите и беа во рамките на пристојност, реално како и самата да беше свесна за конечниот исход, но сепак во јавноста се обидуваше да го брани поднесеното обвинение задржувајќи доза на умереност и пристојност. Проблемот на обвинителството е однесувањето на ‘итрата’ која ја користеше секоја можна прилика да се однесува како помалата сестра која мисли дека е попаметна и сѐ и е дозволено и сите настапи во судница и во јавноста ѝ беа во стилот, ‘оставете ме мене сега јас ќе ви кажам, она не знае да каже’. Многу грда слика за обвинителството. Секое дополнување на ‘итрата помала сестра’ всушност не беше надоврзување на претходно кажаното од ‘Внимателната’ туку напротив, директна конфронтација на тези и внесување на дополнителна конфузија, а во добар дел недозволиво изнесување на небулози од типот, ‘ние немаме докази ама сакавме да имаме, ама логичен бил заклучокот’...“, пишува Туфегџиќ.

Според него, „итрата” обвинителка (Стојковиќ-Димитровска) одамна требало да биде повикана од претпоставените за да ѝ укажат дека обвинителството е колективна игра, дека носителот на предметот, во случајот „Внимателната” обвинителка (Крстевска-Јосифовска) го има „златниот глас” и одлучувачка улога и дека таа како „помала сестра” е само „пратечки вокал” во една колективна игра и ништо повеќе.

Дека своите лични нагони за битност и популарност ќе мора да ги артикулира, дека јавното обвинителство секако ќе постои и опстои и без нејзините настапи, дека секој конкурентски настап кон ‘Внимателната’ во судница и во јавноста се смета за недозволено и неприфатливо однесување кое го загрозува кривичниот предмет и воопшто угледот на јавното обвинителство. ‘Внимателната” и ‘итрата’ се со причина со големо В и мало и за да се знае кој во случајот по закон беше главен“, напиша Туфегџиќ.

На оваа објава на Туфегџиќ се надоврза универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.

Ана (Стојковиќ-Димитровска) работеше во Хелсиншки комитет додека јас не ја избркав заедно со уште две правнички зошто само продаваа памет, а малку работеа. Она што е најстрашно е што успеаја да направат кариера во трулиот правен систем. Нема спас“, напиша Калајџиев.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска пак, напиша дека од гледна точка на стандардот „надвор од разумно сомневање“ и изјави/признанија изнудени со тортура на полицијата, обвинителството нема докази засновани на закон не само против таткото на Вања, туку, за жал, како што наведува адвокатката, против сите обвинети во овој случај.

А нема ни логична приказна или стручно кажано-теорија на случај. Сите ние можеме да знаеме или да веруваме дека знаеме кој има и колкава вина, да резонираме и да претпоставуваме , ама во суд се очекува пресуда единствено на основа на докази стекнати на законит начин, надвор од разумно сомневање. Тоа ме штити мене, ве штити вас, ги штити обвинителките, го штити и судијата од арбитрерност и претставува гаранција за владеење на правото. Конструирање на вина, без оглед на убеденоста дека некој нешто сторил е прекршување на цивилизациските придобивки во кривичното право. Постапката е светост, вклучително полициската, не е ластик да се растегне и скрои према шнитот“, напиша на јавно достапниот фејсбук профил Јошевска Атанасовска.

Таа објаснува дека овој случај е конструиран преку сознанија добиени од изјави дадени под тортура, и се „плодови од затруеното дрво“.

Забрането е да се изнудува од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава. Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“, цитира Јошевска Анастасовска делови од Законот за кривична постапка.

На крајот, смета Туфегџиќ јавноста има право да знае дали вмешувањето на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски било обид за дефокусирање од она што требало да биде предмет на истрагата, односно зошто институциите и одговорните не спречиле ниту предвиделе сериозен криминален план за киднапирање на луѓе кој обвинетите го планирале уште од 2022 година, согласно изјавата на обвинетиот Велибор Манев.

Мислам дека е ред и Јавното обвинителство и началникот за сериозен криминал Дејан Димовски, и Музафер Каришиќ, и сите кои учествуваа во истрагата против Александар да дадат одговор. Вклучително и Службата за државна безбедност – зошто овие лица не беа детектирани навреме? Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор, за да бидеме сигурни дека утре вакво нешто нема да му се случи на некој друг родител кој, не дај боже, ќе изгуби дете и ќе заврши во притвор“, потенцира адвокатот.

По објавената пресуда и одбраната и обвинителството најавија жалби. Првите ќе се жалат на казната доживотен затвор, вторите на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. „Жешкиот костен“ сега е во рацете на Апелацискиот суд Скопје.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ