сабота, 12 јули 2025

Една година Влада: ВМРО-ДПМНЕ– стабилизација и раст на економијата; СДСМ – Македонија е економски понижена

Денеска Владата ќе даде отчет за постигнатото од првата година од мандатот, и тоа на настан, насловен „ Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, што ќе се одржи пред платото на Илинденска, бр.2. Свое обраќање ќе има премиерот Христијан Мицкоски.

Утринава, своите гледишта за резултатите од едногодишната работа на Владата, ги изнесоа и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ, кои очекувано, имаат сосема различни видувања.

Објавено на

часот

Сподели

„Една година Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, една година посветена работа во интерес на државата и граѓаните. Година на големи предизвици со наследена економија фрлена на колена, држава на раб на банкрот, уништени институции. Не беше лесно, но со посветена и макотрпна работа, ВМРО-ДПМНЕ покажа како се работи кога приоритет ти се државата и граѓаните“, се вели во оцената на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата што ја предводи Владата, велат дека прво што се направи – се запре слободниот пад на економија и со добро осмислени мерки и политики, за три последователни квартали забележуван е раст на БДП на 3%.

„Со цел поддршка и поттикнување инвестициски циклус, како и реализација на капитални проекти на располагање на стопанството и општините се ставија 500 милиони евра. Минатата 2024 година заврши со историски највисок износ на странски директни инвестиции од милијарда и 255 милиони евра. Се преземаа конкретни мерки за подобрува на животниот стандард на граѓаните и се покажа за најсуштинските сектори во државата како здравство, образование, безбедност. Пензиите се зголемија за 5.000 денари линеарно за сите пензионери, а за 10 проценти покачување на платите добија вработените безбедносниот сектор. Се постигна историски договор со синдикатите во здравството и образованието, така што за прв пат раст на платите добија сите вработени во јавно здравствените и образовни установи. До сега, платите во образованието се зголемија за 12 проценти, а до крајот на мандатот предвидено е да пораснат до 46%, додека во здравство до сега платите на сите вработени се зголемени за 15 проценти а до крај на мандатот истите ќе пораснат за над 40%, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението на оваа партија се истакнува дека после долги години се прошири позитивната листа на лекови, а матичните лекари и гинеколози добија покачување на капитациониот бод од 33%, односно од 75 на 100 денари, додека кај стоматолозите од 23 проценти, од 61 на 75 денари. Нагласуваат дека не изостана ниту посветеноста за развој на земјоделието, така што земјоделците имаат партнер во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, при што следи редовна и навремена исплата на субвенциите на земјоделците ,па до сега се исплатени рекордни 9 милијарди денари.

„Освен средувањето на пустошот што го остави СДС, првата година од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, инфраструктурно се градеше и развиваше Македонија. Во употреба се пуштија два експресни патишта, Страцин – Крива Паланка и Градско – Дреново, како и голем број регионални патишта. Интензивно се работи и на изградба на автопатите дел од коридорите 8 и 10Д, како и на автопатот Кичево- Охрид, од кој во употреба се пушти и првата делница Подмоље до македонскиот туристички центар – Охрид. Не изостана ниту железничкиот сообраќај, така што во употреба се пушти пругата Куманово-Бељаковце во должина од 31 километар, а интензивно се работи и на втората делница до Крива Паланка. Дополнително, со помош на историскиот стратешки договор со Обединетото Кралство, ќе се гради и брзата товарна и патничка пруга од Табановце до Гевгелија, што Македонија ќе ја поврзе со Србија и Грција. Стратешкиот договор со ОК ја потврдува и дипломатската посветеноста на Владата, Македонија да ја позиционира на европската и меѓународна сцена како сигурен и доверлив партнер. Овој договор, освен што отвара инвестициски циклус од 6 милијарди евра, тој претставува и дипломатска победа за државата, затоа што покрај со САД, Македонија станува стратешки партнер и со втората најмоќна држава во светот“, пофално констатираат во ВМРО-ДПМНЕ за исполнителноста на Владата во првата година од мандатот.

Но, од опозициската СДСМ сметаат дека по една година од новата влада, состојбата со македонската економија е алармантна, а Македонија економски е понижена.

„Живеачката на луѓето e сè потешка од ден во ден, стандардот е уништен, граѓаните се оставени сами на ударот од енормните поскапувања, додека постојано го чувствуваат падот на куповната моќ  -гледаат како власта аздисува и се луксузира.

Растот на платите е целосно закочен, цените на основните производи растат. Народот едвај врзува крај со крај. Додека народот живее на раб на егзистенција, функционерите на власта се расфрлаат со луксуз – летаат со приватни авиони, трошат на скапа храна, папаја, манго, уживаат во хотели од соништата.  Тоа е тажната реалност денеска после една година Влада. ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ја втурнаа државата во длабока економска нестабилност“, се вели во соопштението на СДСМ, по повод една година година од актуелната Влада.

Од опозициската партија сметаат дека иако власта упорно сака да уверува дека економијата расте, фактите говорат поинаку.

„Инфлацијата изнесува речиси 4.5%, а економскиот раст едвај достигнува 2.6%. Земјата за првпат има негативен економски резултат полош и од воената 2001 година. Владата живее во паралелна реалност, убедувајќи дека сме ‘економски тигар’ и дека куповната моќ е поголема од европската, додека реалноста покажува сосема спротивно – Македонија е на дното во Европа и по висина на плати и по животен стандард, како економски глушец.

Ова не се политички конструкции, туку податоци од најреномираните европски институции, кои потврдуваат дека Македонија се движи во погрешна насока. Наместо горди работници со европски плати, со Владата на ВМРО-ДПМНЕ имаме понижени работници со најниски плати во Европа“, е оценката на СДСМ за постигнатото од Владата во текот на едногодишното работење.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ