„Благодарност до сите кандидати на листата за нивната храброст, посветеност и доверба во партијата. Голема благодарност и признание и до секој член, активист и волонтер кој со својата работа, време и енергија придонесе за заедничката цел, да имаме свој претставник во законодавниот дом“, стои во објавата на партијата.
Посебна благодарност упатува до сите гласачи кои, како што пишуваат, ја препознаа визијата на партијата и ја дадоа својата поддршка, чија доверба претставува чест, но и голема одговорност.
„Наша обврска е укажаната доверба да ја оправдаме со чесна, посветена и одговорна работа. Нашата мисија е јасна: унапредување на благосостојбата на областа Гора, зачувување на нејзиниот идентитет и создавање подобри услови за живот за сите граѓани. Обединети, продолжуваме понатаму – за Гора, за иднина“, порачуваат од партијата.
Во новиот состав на косовскиот парламент, на предвремените избори, освојувајќи над 1.500 гласови, место обезбеди и ЈПГ, што е едно од 10-те загарантирани пратенички места за малцинствата, покрај 10-те загарантирани за српското малцинство.
Во 120-члениот законодавен дом ќе биде лидерот на партијата Адем Хоџа, дипломиран инженер.
Областа Гора на Косово опфаќа 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед познати како Горанци.






