Според Обвинителството, осомничениот преку посебно креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук, споделувал содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација со што поттикнувал омраза кон македонската држава и идентитет.
По претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност, полициски службеници извршиле претрес и одзеле пропаганден материјал што 30-годишниот скопјанец го отпечатил со намера да го дистрибуира во земјава.
Од Обвинителството посочуваат дека на ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство.
Јавното обвинителство, во соработка и со координација со другите надлежни органи, продолжува да презема дејствија за обезбедување докази.






