среда, 10 декември 2025

Еден обвинител ќе биде разрешен, цел куп нерешени случаи ќе останат

Дали желбата на власта државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да биде разрешен од функцијата шеф на Јавното обвинителство (ЈОРМ) ќе ги реши предметите што со години фаќаат пајажина во фиоките на ЈОРМ? Дали ако Коцевски замине, ќе се утврдат сомнежите за многуте криминали во РЕК Битола, сомнежите дали лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е одговорен за обидот на незаконски начин да купи вакцини против ковид-вирусот, дали безбедносните служби сѐ уште прислушуваат спротивно на законот и уште дузина други предмети од различни области и од различни причини што со години чекаат разврска. За премиерот Христијан Мицкоски дилеми нема. За ваквата состојба во Обвинителството директен виновник е Коцевски, кој „не ја искористи шансата да се избори против корупцијата“. Коцевски пак, категоричен дека работи чесно, а одлуката за неговото разрешување е политичка. Повикувајќи се на Законот за јавно обвинителство, Владата на вчерашната седница усвои предлог за разрешување на Коцевски. Последниот збор за тоа дали Коцевски ќе остане на чело на ЈОРМ го има Собранието.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Христијан Мицкоски во ноември годинава изјави дека обвинителите и судиите не ја искористиле шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите направени анкети, судството и обвинителството имаат најмала доверба помеѓу граѓаните. За државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, потенцираа дека ниту тој лично, ниту јавноста не е задоволна од неговата работа и логичен след на настаните би било негово сменување.

„Рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој граѓанин во државата што мисли дека овие членови во Судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На која било анкета ќе видите дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите. Кога разговараме и кога ви велам дека не сум задоволен лично јас, но и јавноста, од работата на јавниот обвинител, тогаш логичен след на настаните по така јавно искажан збор е негова смена, многу јасно. Најголем дел од граѓаните, огромен дел, би рекол акламативно мислат дека тој не си ја врши работата доволно добро“, изјави тогаш Мицкоски.

Прислушувањето на Мицкоски почеток на крајот на Коцевски

Обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски и од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски дека во периодот од 2019 до 2024 година незаконски бил прислушуван тогашниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и група бизнисмени и новинари беше иницијалната каписла за Мицкоски, сега веќе премиер, непрестано да бара начин како да го разреши државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Годинава, на одбележувањето на 1 септември – Денот на АНБ, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека бил незаконски следен. Детали за неговото наводно прислушување не сподели.

„Тоа е државна тајна, документите се доверливи. Но факт е дека и Агенцијата за разузнавање и АНБ темелно се занимавале со претседателот на, во тоа време, најголемата опозициска партија т.е. со мене, меѓу другото и со новинари, бизнисмени. Така што да оставиме периодот процесот да тече, да видиме што ќе кажат обвинителството и судиите во еден судски процес“, изјави Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, побараа СДСМ да се извини за „петте години следење на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени, кои заедно со нивните семејства биле под константна присмотра на службите“. При тоа, прстот директно го вперија во поранешните директори на АНБ, Виктор Димовски и Еролд Муслиу, како и кон државниот обвинител Коцевски.

„Откако ќе се извинат, треба да ги повикаат Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Љупчо Коцевски на одговорност. Доколку Јавното обвинителство и Коцевски останат нем набљудувач, треба да знаат дека тоа нема долго да трае и дека и тие ќе одговараат,“ рекоа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

Следниот ден од Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО ГОКК) соопштија дека по насоки на државниот обвинител оформен е предмет во кој се преземаат дејствија за проверка на наводите за следење на премиерот Мицкоски. При тоа, од Обвинителството кажаа дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.

Три дена подоцна, на петти септември годинава, обвинители и истражители од ОЈО ГОКК влегоа во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување.

Според ОЈО ГОКК била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите за незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.

„Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“, информираа тогаш од ОЈО ГОКК.

Во прилог на обезбедување точни информации за тоа колку од јавно достапните информации за сомнежи за криминал лиферувани од политички партии, новинарски написи и истражувања на граѓански организации имаат основа и дали и колку јавното обвинителство покренало предистраги или истраги за проверка на вистинитоста на обвинувањата, МКД.мк постави прашања и дали Обвинителството има покренати предистраги и/или истраги за неколку карактеристични случаи токму од областа на државната безбедност. Освен за наводното прислушување, МКД.мк праша и до каде е истражувањето за сомнежите за незаконската набавка на софтвер за прислушување за потребите на Оперативно-техничка агенција (ОТА), случај во јавноста познат како „Предатор“, за сомнежите за незаконско доделување македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, кој е на црната листа на САД, за сомнежите за случајот во јавноста познат како афера „Броило“, во која според јавно достапните информации се испрани повеќе од 26 милиони евра од фирмата „Пиксел груп“, за случајот во јавноста познат како „Леонардо“ за кој беше поднесена кривична пријава против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски за негова наводна вмешаност во местење на тендер за опрема за Македонска навигација (М-НАВ), за случајот со запленета дрога од страна на американската владина агенција за борба против дрога – ДЕА во вредност од 800.000 евра од битолската фирма за канабис „Медикал 420“.

Од Јавното обвинителство добивме одговор дека Обвинителството, како и органите директно надлежни да откриваат криминал (МВР, Финансиска полиција, соодветни инспекции…) ги следат сите јавно достапни информации и доколку утврдат елементи на кривично дело постапуваат.

„Инструментот на допрен глас обвинителството го користи во услови кога органите надлежни да откриваат кривични дела и сторители не ја вршат таа задача. Инаку, секој што има сознанија за кривично дело има законска обврска тоа да го пријави. Информациите што вие ги наведувате не можат да бидат пребарани во системот на јавните обвинителства, бидејќи тие водат евиденција по лични податоци на пријавено лице и тоа врз основа на месна надлежност и стварна надлежност за предметите (за ОЈО ГОКК). Од тие причини ве упатуваме најпрво кај органите надлежни за откривање кривични дела и сторители да проверите дали утврдиле елементи на кривично дело во секој случај поединечно и негов сторител, дали поднеле пријава и до кое обвинителство со цел да провериме статус на предмет“, се наведува во одговорот на ЈОРМ.

Според законот, предистражните постапки што ги води Јавното обвинителство се тајни и за секоја споделена информација кривично се одговара. Што се однесува до истрагите пак, Обвинителството има право да споделува онолку информации колку што мисли дека се потребни за транспарентност на постапката, но при тоа да не бидат компромитирани ниту вербалните докази (сведоците) ниту материјалните докази.

Мачни и предолги постапки, тешко видливи резултати

Во недостиг на одговор од Јавното обвинителство, а упатувајќи нѐ на другите истражни органи, МКД.мк се обрати до Министерството за внатрешни работи (МВР) за да праша до каде е постапката во врска со кривичната пријава против членови на двата претходни управни и надзорни одбори во АД ЕСМ кои ги поднесе актуелното раководство на компанијата, поврзани со одлуки за закупот во новиот терминал за течен природен гас во Александруполис во Грција. Од МВР велат дека тоа засега е тајна.

„Во врска со вашите прашања ве известуваме случајот е во предистражна постапка и согласно член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени во предистражна постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, велат од МВР.

Истото прашање го упативме до Управата за финансиска полиција. Оттаму добивме краток одговор дека постапката за овој случај е во фаза на предистрага.

„Ве информираме дека согласно одредбите од член 289 од Законот за кривична постапка сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна. Од тие причини, со цел непречно водење на кривичната постапка и успешно обезбедување на доказите неопходни за утврдување на кривичното дело и неговиот сторител, не сме во можност да откриеме информации во врска со нашето постапување во конкретни случаи. Единствено можеме да потврдиме дека во врска со конкретниот кривично-правен случај во Управата за финансиска полиција во тек се проверки и предистражни дејствија со цел утврдување на евентуални неправилности и инкриминирани дејствија во рамките на надлежноста“, одговорија од УФП.

Од Јавното обвинителство пак, информираат дека Управата за финансиска полиција е дел од правосудната полиција и со самото тоа со нејзините дејствија во истрага раководи надлежен јавен обвинител, но оттаму не можат да кажат колку точно пријави примило Обвинителство од УФП во последните три години и по колку пријави од УФП постапило Обвинителството.

„Во најголем дел од предметите, јавните обвинители се вклучени и ги координираат дејствијата на Финансиската полиција уште во предистрага со цел да гарантираат законито прибирање на доказите. Пријавите на Финансиската полиција се доставуваат во обвинителствата во цела Македонија согласно надлежност за постапуваее и по нив се преземаат дејствија со наредби за вештачења, распити и прибирање други докази. За период од три години, како што наведувате, има и пријави по кои истрагата е во тек, пријави кои се отфрлени, такви кои се споени кон пријави од други подносители и органи, но и пријави по кои е поднесено обвинение, па и донесена пресуда. Повторно, со цел да ви обезбедиме информација за статус на предмет потребни ни се податоци кога е поднесена конкретна пријава, против кое лице и во кое обвинителство“, се наведува во одговорот на Јавното обвинителство испратен до МКД.мк.

Покрај ова, од Јавното обвинителство на јавноста ѝ должат одговори и за тоа до каде се постапките за сомнежите за набавка на антиковид вакцини од Хонг Конг преку фирмата „Стабри интернешнл“ во време на ковид кризата, сомнежи за афера во јавноста позната како „Коруптографија“, а се однесува на набавка на томографи, сомнежите за тендер за јавно приватно партнерство за стерилизација, од 2019 година, сите во време кога министер за здравство беше Венко Филипче, како и сомнежите за доделените тендери на фирмата „Синерџи“ чии сопственици се блиски роднини токму на Филипче.

МКД.мк и јавноста ќе почекаат уште и на одговори во врска со предмети од областа на економскиот криминал како што се оние со изготвување на лажни фактури за поврат на ДДВ за кој обелодени Управата за јавни приходи (УЈП) на почетокот на 2024 година кога директорка беше Сања Лукаревска од СДСМ, како и дузина други случаи најчесто објавени од сегашната власт, а се однесуваат на владеењето на нивните претходници од СДСМ.

Да не беа Соединетите американски држави (САД), кој знае дали и кога Јавното обвинителство ќе поднесеше барем едно обвинение против сега веќе поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, кој од 2023 година е ставен на црната листа на САД.

Оттако беше објавена оваа информација, Комисија од Јавното обвинителство изврши вонреден надзор над работата на обвинителствата во Струга и во Битола, како и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), каде се водат предмети поврзани со Мерко и со општина Струга. По извршениот надзор беше соопштено дека против тогашниот струшки градоначалник се отворени 30 предмети од кои најстарите се од 2006 година, предмети кои биле чувани во фиока.

Како што најавија тогаш од ЈОРМ, за сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност. Две ипол години подоцна нема одговор дали и кој ги чувал предметите против Мерко во обвинителските фиоки.

Во моментов, од 30 заведени предмети во обвинителството, против Мерко се водат девет активни судски постапки во судовите во Струга и Битола.

Згасна СЈО, а со него и вербата во право и правда

Кога во февруари 2016 година почна со работа, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во јавноста беше доживувано како институција која конечно ќе ја донесе правдата во Македонија. Нецели пет години потоа, на крајот на јуни 2020 година, СЈО престана со работа, а предметите кои дотогаш ги работеше преминаа во рацете на редовното Обвинителство кое од СЈО презеде 171 предмет, од кои 22 обвиненија, 19 истраги, 38 финансиски истраги и многу предистражни постапки. Од Јавното обвинителство велат дека за предметите од некогашното СЈО нема посебни статистички податоци за тоа колку од преземените обвиненија завршија со судска разрешница, а колку од истрагите се преточија во обвиненија, а за колку од предистрагите се отворени истраги.

„Јавното обвинителство ги презеде сите предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство во фазата во која се наоѓаа и по нив продолжи да постапува. Некои од нив во предистрага, некои во истрага, некои во судска постапка, истите добија соодветен број во надлежни обвинителства и не се издвоени во посебна статистика. Во текот на годините, во зависност од обезбедените докази, беше овозможен континуитет на сите поведени постапки. Во зависност од кривичното дело, пак, еден дел од нив завршија со пресуди, а за дел настапи застареност на кривичното гонење особено како резултат на измените во Кривичниот законик. За да ви обезбедиме информација за статусот на конкретен предмет, доколку фазата во која се наоѓа е во надлежност на обвинителството, потребно е да ни посочите за кој предмет покажувате интерес, пријавено лице, кривично дело и слично“, ни одговорија од Јавното обвинителство.

Измените на Кривичниот законик (КЗ) беа донесени по скратена постапка. Меѓу нив беше и членот 353 кој се однесува на криминал сторен од страна на именувани функционери. Со измените, казната за злоупотреба на службената положба од страна на именува функционери е намалена на една до пет години затвор. Сите други претходно предвидени казни се избришани. Истите предвидуваа најмалку три, односно најмалку пет години затвор за функционерите во зависност од тоа како точно и зошто е извршено некое кривично дело. Со овие измени застаруваат петнаесетина кривични дела во обвинети беа поранешниот премиер Никола Груевски и соработниците, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков како и други високи функционери и бизнисмени блиски до тогашната власт. Со овие измени од кривична одговорност куртулија и неколку функционери од СДСМ.

Со намалувањето на казните ќе застарат следните случаи на поранешното СЈО, „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Титаник 2“, „Шпански скали“, „Тврдина-Таргет“, предметот за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски и други.

Коцевски не е прв државен обвинител кој бил разрешен

Владата на вчерашната седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и истиот е веќе доставен до Собранието.

Владината портпаролката Марија Митева вчера во изјава за медиумите рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период. Таа се повика на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство и рече дека ова е направено по претходно добиено мислење од страна на Советот на јавни обвинители.

„Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство (ЈО), што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, рече Митева. Како последица на сторените повреди евидентна е нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата. Согласно член 27 став 1 од Законот за Јавното обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршувањето на функциите на ЈО. Постапувајќи на овој начин, јавниот обвинител Љупчо Коцевски флагрантно ја повреди должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за Јавно обвинителство“, информираше владината портпаролка.

Иако се повика на претходно добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Митена не кажа дека овој Совет на почетокот на април годинава даде негативно мислење за разрешување на Коцевски. Тогашната претседателка на Советот, Душица Димитриеска, изјави дека со оглед дека Советот одлуките ги носи со мнозинство, мнозинството дало негативно мислење. За прифаќање на предлогот на Владата за разрешување на Коцевски гласале Кети Петкова, Ардиан Демири и Марјана Илиеска. Останатите членови, шестмина од нив биле против разрешувањето на Коцевски.

Ако биде разрешен од Собранието, Коцевски нема да биде првиот државен јавен обвинител кој не го истерал целиот мандат. Пред него беа разрешени Ставре Џиков, Стеван Павлески, Александар Прчевски и Марко Зврлевски, за кого како и за Коцевски претходно беше поднесена интерпелација во Собранието од страна на СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ