Организаторите на протестите велат дека веќе нема изговори и чекаат институционален одговор на итните барања за конечно затворање на депонијата Вардариште. Жителите на општините Аеродром и Гази Баба бараат воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор и физичко обезбедување на Вардариште, итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на депонијата, поставување на ограда и започнување на процес за конечно затворање на Вардариште.
Освен ова демонстрантите бараат откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите и ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште.
„Граѓаните според Уставот имаат право на чист воздух и здрава животна средина. Бараме веднаш да започне процес на исполнување на овие барања од надлежните институции, и тоа јавно, транспарентно и со јасни рокови за нивното исполнување“, велат организаторите на протестите.
Од надлежните до кои досега организаторите испратија покани, на протестите се придружи само градоначалникот на Аеродром Дејан Митески кој комуницира со иницијативата Стоп за Вардариште и најави дека заедно со граѓаните ќе бараат решение за проблемот. Останатите надлежни локални и државни институции ги игнорираат протестите и барањата на иницијативата.