Договорот за грантот го потпишале вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и Шарлот Ру, извршен директор за Централна и Југоисточна Европа во ЕБОР.
Според Министерството за транспорт, националната стратегија за полнење на електрични возила и инфраструктура, прва од овој вид во Македонија, ќе овозможи стратешки пристап кон развојот на патната инфраструктура за поддршка на воведувањето на електрични возила во патната мрежа.
Во тек е постапката за избор на консултант, кој се очекува да биде избран на крајот од месецов, или почетокот на наредниот месец. Консултантот ќе има задача во две фази да подготови стратегија за електрични возила и акциски план со приоритетни активности и рокови кои треба да бидат одобрени од Владата, преку Министерството за транспорт и Европската банка за обнова и развој.
Во изработката на стратегијата и акцискиот план ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти од области на експертиза за електрични возила, енергетската ефикасност, транспортот и екологијата, најави ресорното министерство.






