вторник, 30 декември 2025

ДЗР: Владата не го послушала Фискалниот совет, парите за капитални инвестиции да не ги троши на тековни расходи

Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска го објави конечниот ревизорски извештај на Буџетот на Република Македонија. Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле дека со ребалансот на Буџетот, најголемо зголемување во однос на донесениот Буџет за 2024 година имало кај расходите за субвенции и трансфери и тоа 38 отсто од Буџетот и за тековните трансфери до фондови кои не се буџетски корисници и тоа во износ од 17 отсто од Буџетот.  Најголемо намалување е извршено кај капиталните расходи и тоа за 27 отсто. Парите биле распределени за субвенции и трансфери во износ од 3.330.018 илјади денари и за тековни трансфери до вонбуџетските фондови во износ од 3.284.720 илјади денари.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Како што се наведува во Ревизорскиот извештај, при тоа не е земена во предвид дадената препорака од Фискалниот совет да се прекине со праксата за пренамена на капиталните средства во тековни расходи доколку истите не се реализираат на предвиденото ниво.

„Ова од причина што за износот на нереализираните капитални расходи би се намалил буџетскиот дефицит и би се зголемил фискалниот простор за капитални инвестиции во наредниот период“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Во однос на комплетноста на буџетските барања што буџетските корисници ги доставуваат до Министерството за финансии (МФ) при планирањето на Буџетот, ДЗР утврдил дека од анализираните буџетски барања од 31 корисник, за 16 отсто од нив, МФ изготвило предлог буџет поради недоставување на потребните стратешки планови.

„Разликите меѓу максимално утврдените расходи од Владата, побараните средства од буџетските корисници и одобрените средства со Буџетот укажуваат на ризикот дека донесениот буџет од МФ може да не ги одразува реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели“, велат ревизорите.

Најголемо отстапување меѓу максимално утврдениот износ на расходи и одобрените средства со Буџетот е утврдено во разделот за Владата и Бирото за регионален развој.

Како и претходните години, велат од ДЗР, МФ нема доставено Извештај за причините за неусогласените буџетски барања до Владата.

„Ревизорите укажуваат на потребата од зајакнување на постапката за усогласување на предлозите на буџетските барања помеѓу МФ и буџетските корисници заради минимизирање на ризикот планираните средства да не ги отсликуваат реалните потреби на буџетските корисници, но и поради потребата Владата да биде информирана за причините за неусогласеност на бараните и одобрените средства на буџетските корисници“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Исто така ревизорите утврдиле дека со Основниот буџет за 2024 година не се обезбедени законски предвидените пари за судската власт, Јавното обвинителство и рамномерен регионален развој предвидени со Законот за судскиот буџет, Законот за јавното обвинителство и Законот за рамномерен регионален развој. Со анализата за 2024 година ДЗР утврдил дека со ребалансот на Буџетот и со Одлуката за прераспределба на пари помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, одобрениот буџет за Судска власт е намален за 42.639 илјади денари, иако според Законот за судскиот буџет е уредено дека во случај на ребаланс на буџетот средствата наменети за финансирање на Судската власт не може да се намалуваат.

Со ревизорскиот извештај е утврдено дека вкупните приходи и приливи во 2024 година се остварени во износ од 294.025.256 илјади денари, 13 отсто повеќе во однос на 2023 година.

„Структурата на Буџетот за 2024 година упатува дека даночните приходи и во 2024 година имаат големо учество во структурата на приходите на основниот буџет, што укажува на подобрување на финансиската структура. Подобрувањето е резултат на ефикасната реализација на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинска Управа и континуираната тенденција на зголемување на реализацијата на приходите од ДДВ, данок на добивка, данок на личен доход и акцизи“, констатирале ревизорите.

Што се однесува до реализацијата на даночните приходи во период 2020-2024 година, во 2024 година, кај сите видови даночни приходи забележан e пораст во однос на 2023 година, освен кај данокот на солидарност каде имало намалување поради тоа што најголемиот дел од обврските за овој вид данок бил уплатен во 2023 година како и кај еднократните посебни такси.

„Во 2024 година, приходите од наплата на ДДВ учествуваат со значителни 46,7 отсто од вкупните приходи, во нето износ од 81.464.958 илјади денари, што е зголемување од 16 отсто во однос на 2023 година. Од вкупно наплатениот ДДВ во бруто износ од 117.172.184 илјади денари, 65 отсто се од увоз на добра, додека 34 отсто потекнуваат од промет во земјата. Повратот на ДДВ кон даночните обврзници во износ од 35.707.227 илјади денари е 30 отсто од вкупниот бруто износ на наплатениот ДДВ. Данокот на личен доход учествува со 18,26 отсто од вкупните даночни приходи и е остварен во износ од 31.852.096 илјади денари, што е зголемување од 17 отсто од претходната година. Од 1 јануари 2023 година, оданочувањето на остварениот доход се врши по единствена стапка од 10 отсто, освен за доходот од добивките од игрите на среќа, кој се оданочува по стапка од 15 отсто. Данокот на добивка учествува со 11,57 отсто од вкупните даночни приходи и изнесува 20.185.748 илјади денари, што е зголемување од 19 отсто од претходната година што се должи на зголемениот износ на остварена добивка од работењето на правните лица. Од данокот на солидарност во текот на 2024 година наплатени се приходи во износ 88.858 илјади денари, односно 97 отсто помалку во однос на 2023 година. Ова се должи на фактот што приходите од овој данок воведен како еднократна обврска во септември 2023 година со цел справување со ковид-19 кризата и други антикризни мерки, во најголем дел се наплатени од правните лица во текот на 2023 година“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Со ревизијата, ревизорите нотирале тренд на зголемување на наплата на давачките од страна на Царината и во 2024 година биле наплатени 121.462.158 илјади денари што е зголемување за 62,5 отсто во однос на 2020 година кога се наплатени 74.745.721 илјади денари.

„Вкупните приливи од задолжување во земјата и странство во 2024 година учествуваат со 33,5 отсто во вкупните приходи на Основниот буџет и бележат зголемување за 2,5 отсто и во однос на нивното учество во вкупните приходи на Основниот буџет за 2023 година Приливите од задолжување во земјата учествуваат со 56 отсто во вкупните приливи по основ за задолжување на државата и бележи зголемување на нивното учество во структурата на задолжувањето во однос на 2023 година кога истото изнесувало 45 отсто, додека остварените приливи по основ на задолжување во странство во износ од 42.975.791 илјади денари се за 4 отсто помалку во однос на 2023 година“м констатирале ревизорите.

Што се однесува до расходите и одливите, тие во 2024 година изнесувале 261.716.782 илјади денари и се за пет отсто поголеми во однос на 2023 година.

„Расходите за плати, наемнини и надоместоци во 2024 година во износ од 40.542.869 илјади денари се поголеми за 17 отсто во однос на 2023 година. Расходите за стоки и услуги во 2024 година се во износ од 15.644.120 илјади денари, што претставуваат 5,98 отсто од вкупните расходи на Основниот буџет за 2024 година и бележат зголемување од 4,95 отсто во однос на 2023 година. Структурата на изворите на средства од каде Фондот за ПИОМ ги обезбедува потребните износи за исплата на пензии и во 2024 година не бележи подобрување во однос на 2023 и 2022 година. За покривање на дефицитот на пензискиот фонд од Основниот буџет исплатени се 23.119.600 илјади денари, односно 26 отсто од вкупните средства на Фондот за исплата на пензии што укажува на потреба од финансиска поддршка на Фондот за ПИОМ за исплата на пензиите во државата. Вкупните расходи за исплата на пензии во 2024 година во однос на 2023 година бележат зголемување за 16,27 отсто, како резултат на извршеното усогласување на пензиите на 1 март 2024 година од 5,3 отсто, на линеарното зголемување на пензиите од 2.500 денари почнувајќи од 1 септември 2024 година, како и на приливот на нови корисници на пензија“, се наведува во извептајот на ДЗР.

Кон општините како тековни трансфери во текот на 2024 година исплатени се 30.781.183 илјади денари или 12 отсто од вкупните расходи на Буџетот кои во однос на 2022 година бележат зголемување од 12 отсто. Најголемо учество во трансферите имаат блок дотациите – 84 отсто, дотациите од ДДВ – 14 отсто, и наменските дотации- два отсто.

„Иако општините биле должни заклучно со 31 декември да извршат поврат на неискористените средства од блок дотациите во Буџетот, утврдивме дека 14 општини заклучно до 4 април 2025 година извршиле поврат на 46.097 илјади денари неискористени средства, а 16 општини не извршиле поврат на средства во износ од 11.585 илјади денари. МФ во текот на 2024 година има доставено дописи/укажувања до општините да извршат поврат на неискористените средства од блок дотациите во Буџетот, а доколку во тековната година општините достават барање за проширување на буџетот на дотации, истото не се одобрува за износот на неискористените средства од дотацијата кој не е вратен во Буџетот на државата“, велат ревизорите.

ДЗР констатирал дека капиталните расходи во Основниот буџет за 2024 година се реализирани во износ од 21.435.177 илјади денари, што претставува 8,19 отсто од вкупните расходи.

„Капиталните расходи почнувајќи од 2020 година до 2023 година имаат значителен тренд на зголемување од година во година, но во 2024 година во однос на 2023 година капиталните расходи значително се намалени за 43 отсто. Најголемо учество имаат расходите за купување на опрема и машини со 28,09 отсто, додека најмало учество имаат расходите за купување на мебел со 0,04 отсто и купување на возила со 0,28 отсто. Расходите за вложувања и нефинансиски средства во 2024 година изнесуваат 5.980.715 илјади денари и во однос на 2023 година се намалени за 34,59 отсто. Најголем дел од овие средствата во износ од 4.826.295 илјади денари или 81 отсто се однесуваат на исплатени гаранции за јавни претпријатија за неисплатен надворешен долг кон странски кредитори и тоа 90 отсто за ЈПДП за проект за изградба на автопатот делница Кичево Охрид, проект за изградба на автопат делница Миладиновци-Штип и за Програма за национални патишта – за 1 и 2 транша, осум отсто за ЖРСМ Транспорт за проект за набавка на нови влечни средства и два отсто за ЈСП Скопје за реализација на проект за набавка на автобуси за Град Скопје“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Капиталните субвенции за претпријатија и невладини организации во вкупните капитални расходи учествуваат во износ од 5.310.133 илјади денари или 24,77 отсто, од кои за капиталните субвенции за други јавни нефинансиски претпријатија исплатени се средства во износ од 4.669.891 илјади денари, и тоа 99 отсто од средствата се трансферирани преку Министерство за транспорт (МТ), 4.100.000 илјади денари од овие средства или 88 отсто.

„Државниот долг како збир на финансиски обврски создадени со задолжување на државата, јавните установи основани од државата и општините, не вклучувајќи го долгот на јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините и на Народната банка, на 31 декември 2024 година изнесува 8.298 милиони евра и во однос на државниот долг од истиот ден во 2023 година (7.256,2 милиони евра) е зголемен во износ од 1.041,8 милиони евра. Состојбата на државниот долг на 31 декември 2024 година изнесува 53,8 отсто од БДП и е зголемен во однос на 2023 година кога истиот изнесуваше 49,8 отсто од БДП. Јавниот долг како збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на 31 декември 2024 година според податоците на МФ изнесува 9.619 милиони евра и во однос на јавниот долг од истиот ден во 2023 година (8.477 милиони евра) истиот е зголемен во износ од 1.142 милиони евра или 13,5 отсто. Состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31 декември 2024 година изнесува 62,4 отсто и е зголемен во однос на 2023 година кога истиот изнесуваше 58,1 отсто“, велат од ДЗР.

Во однос на задолжувањето на субјектите од јавниот сектор, динамика на реализација на проектите, искористеност на кредитите и заемите, платени и создадени трошоци од страна на државните органи, институции, АД и ЈП, ДЗР утврдил дека праксата за неефикасно управување со финансирањето на проектите преку заеми и грантови продолжува.

„Од вкупно одобрени проекти во вредност од 230.848.666 илјади денари (3.753.942.000 евра), само 37 отсто или 84.661.063 илјади денари (1.376.715.000 евра) се повлечени и искористени. Неповлечените средства изнесуваат 146.187.603 илјади денари (2.377.227.000 евра), а трошоците за провизии за нив се 1.411.889 илјади денари (22.959.000 евра), што претставува помалку од еден отсто од нивната вредност. Најголем дел, односно 36 отсто од износот на заемите и грантовите се реализираат преку Јавното претпријатие за државни патишта-ЈПДП и Јавното претпријатие за железнички и сообраќајна инфраструктура – два отсто, но со бавна динамика и реализација на проектите“, велат ревизорите.

Во однос на финансиска нестабилност на општините, состојбата со задолженоста на општините покажува дека во декември 2024 година, од вкупно 81 општина, 10 општини се со блокирана сметка.

„Вкупниот износ на доставени налози за извршување во МФ изнесува 1.843.400 илјади денари или 49 отсто од вкупно пријавените обврски на општините, од кои во 2024 година платени се обврски во износ од 229.823 илјади денари. Од преостанатиот износ за извршување, 1.123.398 илјади денари или 69,6 отсто се по основ на главнина/долг, 351.609 илјади денари, односно 21,8 отсто се по основ на камата и 138.570 илјади денари односно 8,6 отсто се за останати трошоци, што укажува на висок процент на задолженост на општините. До периодот на ревизијата не е прогласена финансиска нестабилност на ниту една општина“, се наведува во извештајот на ДЗР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ