Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ДТИРЗ за 2024 година, а причина за ваквата оценка се утврдени неправилности, неусогласености со законите и слабости во управувањето со парите.
Ревизијата открила дека инвестиции кои се во тек во износ од околу 69 милиони евра, и понатаму се евидентираат како материјални средства во подготовка, без пресметана амортизација, иако најголем дел од објектите фактички се користат. Како главна причина се наведува недобивањето одобренија за употреба, што укажува на институционални и административни пропусти .
„До крајот на 2024 година не била донесена тригодишна инвестициона програма како долгорочен документ за планирање на активностите на ДТИРЗ. Истата е донесена во декември 2024 година и се однесува за период 2025 – 2027 година“, констатирале ревизорите.
Посебно загрижувачки, според ревизорите, е договорот за изградба на објекти во неколку ТИРЗ зони, склучен во 2023 година по принцип „клуч на рака“, вреден речиси 29 милиони евра.
Утврдени се недоследности во процесот на планирање на јавните набавки и реализација на склучените договори. За изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, детски градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, и објекти за времено сместување, детски градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп, по принцип ‘клуч на рака’, во 2023 година склучен е договор со вкупна вредност од 28.972.357 евра. Набавката била спроведена без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија и без комплетна проектна документација, иако станува збор за сложена капитална инвестиција. И покрај тоа, бил исплатен аванс од речиси 5 милиони евра“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Дополнителни слабости се утврдени и при изградбата на административен објект во ТИРЗ Штип, каде биле склучувани анекси за непредвидени работи поради недоволно прецизна проектна документација.
„За изградба на административен објект во ТИРЗ Штип во декември 2022 година е склучен договор во вредност од 3.469.886 евра при што утврдени се значајни слабости во неговата реализација. Имено, склучен е анекс за дополнителни и непредвидени работи како резултат на недоволно прецизна проектна документација и предмер-пресметка, при што изградениот потпорен ѕид и пристапната улица не се опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што не е согласно Законот за градење. Изведувачот започнал со набавка и монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измени во тек на градба од надлежното министерство“, пишува во извештајот на ДЗР.

Нешто слично е утврдено и кај консултантски договор за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија, кој бил реализиран во 85 проценти, иако клучните цели, избор на партнер и склучување договор, не биле постигнати.
„Во јануари 2023 година ДТИРЗ склучила договор за консултантски услуги за избор на партнер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија во износ од 634.832 евра со рок на реализација од една година, кој со анекс е продолжен до април 2024 година. Ревизијата утврдила дека поради поставени ограничувачки и дискриминаторски технички и квалификациски критериуми била доставена само една понуда. Објавените два јавни повици за избор на партнер за јавно-приватно партнерство (ЈПП) во 2023 и 2024 година биле поништени бидејќи не била доставена ниту една понуда. И покрај тоа што договорот е реализиран 85 отсто од вредноста на договорот, клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетските средства“, велат ревизорите.
Во извештајот уште се наведува и дека се акумулирани обврски по основ на задржани депозити од претходни години, што создава реален ризик од судски постапки од страна на изведувачите.
Дополнително, нотирани се слабости во управувањето со државната помош, платите и маркетинг-услугите, каде дел од активностите се преклопуваат со внатрешни капацитети на ДТИРЗ, без јасно мерливи ефекти .
Државниот завод за ревизија на крајот дал повеќе препораки за надминување на утврдените состојби, со цел подобро управување со ТИРЗ зоните и поодговорно користење на јавните средства.






