Како општи забелешки се наведуваат неколку системски слабости во извештаите на сите партии.
ДЗР констатира потреба од преиспитување во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија, во врска со член 88 од Изборниот законик.
Исто така смета дека треба да се донесат поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно.
Потребно е и доуредување на законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовното годишно финансирање на политичките партии.
Треба да се преземат активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации, со кои ќе се обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на „модифицирано настанување наделовните промени, односно трансакции”.
Исто така, општа е констатацијата дека податоците покажуваат дека најголем пораст во расходите во 2024 година, во однос на 2023 година има кај расходите по основ на материјални расходи и услуги и пренесени средства, што се должи на тоа што во 2024 година спроведени се две изборни кампањи, и направени се расходи за истражување и развој и ангажирање на лица по договор на дело како и пренос на средства на сметките за изборни кампањи за Избор на претседател на Република Македонија и за Избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, согласно член 83 од Изборниот законик.

ДЕМОКРАТСКА УНИЈА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА – ДУИ
Како клучни утврдени состојби при ревизијата се наведуваат: влезните фактури од добавувачите не се архивираат кога се добиени, како би се потврдило дека хронолошки се евидентирани во деловните книги. Исплатени се расходи за материјални трошоци врз основа на фактури за кои не е обезбедена поткрепувачка документација. Уплатени се средства за членарина над законски дозволениот лимит. Партиско-истражувачкиот аналитички центар не е соодветно кадровски екипиран.
„Имено направени се расходи по платени фактури во вкупен износ од 4.964 илјади денари од кои: 2.823 илјади денари за набавка на гориво, но во прилог на фактурите не се доставени спецификации на кои истите се повикуваат, како би можело да се потврди во кои возила е точено горивото и 2.141 илјадa денари за користени хотелски и ресторански услуги, но прилог на фактурите нема документ да се види во кој период, за која цел и кои лица биле корисници на истите“, се наведува во извештајот на ДЗР за финансиското работење на ДУИ во 2024 година.
Со увид во Годишниот извештај за членарина и донации утврдено е дека и во 2024 година уплатени се членарини од 16 лица во повисок износ од законски дозволениот (просечна плата), што не е во согласност со членот 14 од Законот за финансирање на политичките партии.
„Во 2023 година ПП ДУИ има остварено вкупни приходи во износ од 156.448 илјади денари, додека во 2024 година, вкупните приходи се во износ од 190.105 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 21,5% односно во 2024 година остварени се приходи за 33.657 илјади денари повеќе во однос на 2023 година. Анализата на податоците покажува дека во 2024 година приходите од донации, членарини и камати бележат намалување во апсолутен износ и нивното учество во вкупните приходи е незначително и нема значајни промени. Што се однесува до приходите од буџетот тие во апсолутен износ бележат пораст во 2024 година за 4.224 илјади денари во однос на 2023 година, но нивното учество бележи намалување односно од 30% во 2023 година на 27% во 2024 година, додека приходите од пренесениот вишок од минати години во 2024 година и во апсолутен и во релативен износ бележат раст во однос на 2023 година (во апсолутен износ за 29.905 илјади денари и од 67% на 71%).
Во 2023 година ПП ДУИ има остварено вкупни расходи во износ од 21.233 илјади денари, додека во 2024 година, вкупните расходи се во износ од 57.418 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 170,4% односно во 2024 година, расходите се зголемени за 36.185 илјади денари во однос на 2023 година“, се наведува во извештајот на ДЗР за ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ
Во ревизорскиот извештај за финасиското работење на ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година, повторно е констатирана забраната за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка во 2018 година, која влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба.
„Вредноста на недвижниот имот на ден 31.12.2024 година е во вкупен износ од 1.516.179 илјади денари… Во 2022 година, ПП ВМРО – ДПМНЕ ги обжалила решенијата за привремени мерки забрана за дел од имотот да го става под хипотека и располага со давање под закуп и во текот на 2025 година до известувањето за извршената ревизија, донесено е решение, со кое предлогот за укинување на привремените мерки утврдени со претходни решенија е делумно уважен и привремената мерка – Забрана за располагање со издавање под закуп на недвижниот имот се преиначува и гласи – Забрана за располагање со средствата од закупот на недвижниот имот“, забележано е во извештајот на ДЗР.
Инаку, во 2023 година ПП ВМРО – ДПМНЕ има остварено вкупни приходи во износ од 104.081 илјада денари, додека во 2024 година, вкупните приходи се во износ од 224.216 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст за 120.135 илјади денари.
„Анализата на податоците покажува дека во 2024 година учеството на приходите од членарини и донации во споредба со 2023 година бележи пораст, додека приходите од буџетот, иако во апсолутен износ бележат пораст 11.754 илјади денари, нивното учество има тренд на намалување, односно од 94% во 2023 година, во 2024 година нивното учество во вкупните приходи е 49%.
Во 2023 година ПП ВМРО – ДПМНЕ има вкупни расходи во износ од 97.924 илјади денари, додека во 2024 година, расходи се во износ од 223.131 илјада денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 128,84% односно се зголемени за 125.207 илјади денари“, се наведува во извештајот на ДЗР за финансиското работење на ВМРО – ДПМНЕ во 2024 година.
Согласно член 83 од Изборниот законик од сметката за редовно работење на ПП на сметките за изборна кампања префрлени се средства во вкупен износ од 121.924 илјади денари, за спроведување две изборни кампањи – за избор на претседател на Република Македонија и за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Во конечните извештаи на овластениот државен ревизор ДЗР известува и за неизмирени обврски на партијата кон добавувачи. Од вкупните обврски кон добавувачи во Билансот на состојба за 2024 година прикажани во износ од 321.590 илјади денари, 297.432 илјади денари или 92,49% се постари од три години.
„Одговорното лице на ПП ВМРО – ДПМНЕ во период од 2018-2021 година има склучено договори/спогодби за регулирање на меѓусебните права и обврски и плаќање на рати со 21 добавувач, во вкупен износ од 184.276 илјади денари, по кои останати се неизмирени обврски кон 10 добавувачи, во вкупен износ од 137.274 илјади денари“, се наведува во ревизорскиот извештај..
Исто така ДЗР, како и во минатите години во континуитет обелоденува состојба која и до денот на известување од извршената ревизија е непроменета.
„Се однесува на евидентирани 271 уметничка слика во деловните книги во вкупен износ од 19.065 илјади денари, кои се набавени врз основа на склучен договор со странско лице, за кои не биле доставени фактури од авторот на сликите, иако согласно склучениот договор обврзувачко било истите да се достават заклучно до 30.06.2017 година, врзоснова на кои и би се извршило плаќањето“, потсетуваат од ДЗР во извештајот.
Како системски слабости кои треба да се преиспитаат, ДЗР наведува 4 забелешки.
Да се преиспита законската одредба во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка. Да се регулира начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање. Утврдување на временската рамка во која Министерството за правда треба да донесе одлука за распоредување/исплаќање на средствата за ПП. Измена и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации.

СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА – СДСМ
Како клучна утврдена состојба во финансиското работење на партијата СДСМ, ДЗР наведува дека дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект – претходник на партијата не e решен сопственичкиот статус, поради што истите не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата.
„Политичката партија во мај 2025 година има добиено опомена пред тужба со која се бара во рок од 30 дена да го испразни објектот. Доставена ни е документација за ангажиран адвокат кој презема дејствија за вештачење на вешти лица од област на градежништво и геодезија. За утврдување на право на сопственост покрената е тужба со предлог за определување на привремена мерка, по што е добиено Решение за привремена мерка. По завршување на постапката ќе се продолжи со соодветни активности“, забележано е во извештајот на ДЗР.
Констатирано е дека во 2024 година партијата нема остварено приходи по основ на членарини.
„Во 2023 година ПП СДСМ има остварено вкупни приходи во износ од 119.389 илјади денари, додека во 2024 година, вкупните приходи се во износ од 212.356 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 78% односно во 2024 година остварени се приходи за 92.967 илјади денари повеќе во однос на 2023 година. Анализата на податоците покажува дека во 2024 година приходите од донации и пренесениот вишок на приходи од минати години во однос на 2023 година имаат незначителен пораст од 1%-2%, додека приходите од буџетот, иако во апсолутен износ бележат пораст 8.686 илјади денари, нивното учество има тренд на намалување, односно од 73% во 2023 година, во 2024 година нивното учество е 45%.
Ваквата состојба е резултат на тоа што во 2024 година зголемени се приходите од други субјекти, односно партијата има обезбедено приходи од кредити од деловна банка во вкупен износ од 60.000 илјади денари.
Во 2023 година ПП СДСМ има остварено вкупни расходи во износ од 66.449 илјади денари, додека во 2024 година, вкупните расходи се во износ од 183.087 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 176% односно во 2024 година, расходите се зголемени за 116.638 илјади денари во однос на 2023 година. Податоците покажуваат дека најголем пораст во расходите во 2024 година, во однос на 2023 година има кај расходите по основ на пренесени средства, што се должи на тоа што во 2024 година спроведени се две изборни кампањи, и тоа: за Избор на претседател на Република Македонија и за Избор на пратеници во Собранието на Република Македонија. Согласно член 83 од Изборниот законик од сметката за редовно работење на ПП на сметките за изборна кампања префрлени се средства во вкупен износ од 72.131 илјада денари. Покрај овие, во 2024 во однос на 2023 за 5 пати се зголемени и расходите на име други расходи, што се должи на предвремена отплата на земени кредити од деловна банка од минати години во вкупен износ од 44.300 илјади денари“, се наведува во ревизорскиот извештај за СДСМ во 2024 година.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
Според мислењето на ДЗР, активностите, финансиските трансакции и информации,рефлектирани во финансиските извештаи на политичката партија ЛЕВИЦА за 2024 година, во сите материјални аспекти се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.
„Анализата на податоците покажува дека во 2024 година приходите од донации и пренесениот вишок на приходи од минати години во однос на 2023 година имаат пораст од 1%-5%, додека приходите од буџетот, иако во апсолутен износ бележат пораст 1.550 илјади денари, нивното учество има тренд на намалување, односно од 60% во 2023 година, во 2024 година нивното учество е 29%.
Ваквата состојба е резултат на тоа што во 2024 година зголемени се приходите од други извори, односно партијата има обезбедено приходи од кредити во деловна банка во вкупен износ од 24.756 илјади денари.
Во 2023 година ПП ЛЕВИЦА има остварено вкупни расходи во износ од 11.449 илјади денари, додека во 2024 година, вкупните расходи се во износ од 45.459 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 297 % односно во 2024 година, расходите се зголемени за 34.010 илјади денари во однос на 2023 година“, се вели во ревизиорскиот извештај за финансиското работење на Левица во 2014 година.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА – АЛТЕРНАТИВА
ДЗР во извештајот на финансиското работење на партијата Алтернатива, во 2024 година има забелешки за начинот на водење на сметководството, односно водењето на деловните книги не се врши согласно одредбите од Законот за сметководство на непрофитни организации. Донациите од правно лице на име попуст за користена услуга не се соодветно евидентирани. Амортизацијата на постојаните средства не се пресметува по пропишаните стапки, а не е пресметана ни ревалоризацијата.
„Во 2023 година ПП Алтернатива има прикажано вкупни приходи во износ од 10.084 илјади денари, додека во 2024 година, вкупните приходи се во износ од 21.533 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 114% односно во 2024 година прикажани се приходи за 11.449 илјади денари повеќе во однос на 2023 година поради прикажан вишок на приходи над расходи од минати години. Анализата на податоците покажува дека во 2024 година во приходите од донации, нема промени. Што се однесува до приходите од буџетот тие во апсолутен износ бележат пораст во 2024 година за 1.075 илјади денари во однос на 2023 година, но нивното учество бележи намалување односно од 100% во 2023 година на 52% во 2024 година, додека приходите од пренесениот вишок од минати години во 2024 година и во апсолутен и во релативен износ бележат раст во однос на 2023 година (во апсолутен износ за 10.374 илјади денари односно од 0% на 48%) од причина што пренесениот вишок на средства за наредната година, во 2023 година не се. Во 2023 година ПП Алтернатива има прикажано вкупни расходи во износ од 6.621 илјада денари, додека во 2024 година, вкупните расходи се прикажани во износ од 19.723 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 198% односно во 2024 година, прикажани се зголемени расходи за 13.102 илјади денари во однос на 2023 година.
Во 2023 година ПП Алтернатива има прикажано вкупни расходи во износ од 6.621 илјада денари, додека во 2024 година, вкупните расходи се прикажани во износ од 19.723 илјади денари и во однос на 2023 година бележат пораст од 198% односно во 2024 година, прикажани се зголемени расходи за 13.102 илјади денари во однос на 2023 година“, се вели во извештајот на ДЗР за финасиското работење на Алтернатива.






