Според извештајот, Државната изборна комисија (ДИК) не ги исполнила сите законски обврски, особено во делот на транспарентноста и отчетноста. Недостатоците во финансирањето и организацијата на изборите укажуваат на потребата од итни реформи за зајакнување на изборниот систем.
Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2024 година и член 85 од Изборниот законик, изврши финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеност на вкупните финансиски извештаи на сметките „за изборна кампања“ на кандидатите за претседател на претседателски избори во 2024 година.
Со ревизијата беа опфатени финансиските извештаи на кандидатите: Стево Пендаровски, Гордана Сиљановска Давкова, Бујар Османи, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска Цветковска и Максим Димитриевски.
„Ревидирани се вкупно остварените приходи по извори и вкупните расходи по намени, како и почитувањето на роковите за отворање и затворање на трансакциска сметка ‘за изборна кампања’, регистрација и бришење на учесникот во регистарот на правни субјекти. Oценети се транспарентноста и отчетноста преку изготвувањето и доставувањето на финансиските извештаи за остварените приходи и расходи за изборната кампања до Државниот завод за ревизија. Во делот на приходите утврдивме дека остварени се вкупни приходи во износ од 461.470 илјади денари за сите седум учесници во изборната кампања. Од вкупно остварени приходи, 77% се средства за објавено платено политичко рекламирање, односно средства обезбедени од Буџетот на државата, кои преку Државната изборна комисија се исплатени директно на медиумите каде учесниците во изборната кампања се рекламирале. За платено политичко рекламирање на сите седум учесници во изборната кампања од страна на Државната изборна комисија исплатени се вкупно 354.257 илјади денари, од кои 34% за Гордана Сиљановска Давкова, 32% за Стево Пендаровски, 14% за Бујар Османи, 13% за Арбен Таравари, 3% за Стевчо Јакимовски и по 2% за Билјана Ванковска Цветковска и Максим Димитриевски“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Податоците за исплатените средства за платено политичко рекламирање по видови на медиуми покажуваат дека најголем дел од средствата, вкупно 262.150 илјади денари, се исплатени на телевизиите. Следуваат електронските медиуми и интернет порталите, на кои им се исплатени 67.309 илјади денари.
Од вкупно потрошените средства за изборна кампања во вкупен износ од 461.470 илјади денари, констатирано е дека 105.463 илјади денари се плаќања од трансакциските сметки на учесниците во изборната кампања кон правни и физички лица за добиени стоки или услуги, 354.257 илјади денари се расходи за платено политичко рекламирање, 1.123 илјади денари се расходи по основ на примени донации во ствари или услуги и 627 илјади денари се неискористени парични средства кои од трансакциските сметки на учесниците се вратени на основните сметки на политичките партии кои претходно им ги префрлиле.
Учесникот во изборната кампања за финансирање на своите изборни активности може да потроши најмногу до 110 денари по запишан избирач во изборната единица, во првиот и вториот круг на гласање.
Според податоците од Државната изборна комисија, вкупниот број на избирачи за Претседателските избори 2024 година изнесува 1.814.317, што значи дека максималниот износ на средства кој можел да го потроши секој учесник во овие избори е 199.575 илјади денари.
Како и кај приходите највисоки расходи во изборната кампања се направени за учесниците Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова.
Учесниците во изборна кампања за претседателските избори во најголем дел обезбедија почитување на роковите за отворање и затварање на трансакциските сметки, регистрација и бришење од регистарот на правни субјекти, транспарентност за остварените приходи и расходи во изборната кампања преку доставување на предвидените извештаи за примени донации и сите имаат доставено вкупен финансиски извештај кој е предмет на ревизијата.
Како и во претходни ревизии за изборни кампањи и за овој изборен процес укажуваме на потребата од доуредување на Изборниот законик пред се во делот на: финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија обезбедени од Буџетот на државата, како и крајниот рок за уплата на донации, пропишување на мерливи критериуми во делот на обезбедување и распределба на средствата од Буџетот на државата, наменети за платено политичко рекламирање, дали може коалиција или политичка партија да поддржи независен кандидат/група избирачи и да ги користи доделените средства за платено политичко рекламирање за независниот кандидат/група избирачи, доколку може во кои услови и на кој начин и дали при таквата поддршка истиот има право да ги користи и средствата што му следуваат како независен кандидат, начинот на кој донаторите ќе докажат/потврдат дека не се „поврзани лица„ со радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) при финансирање или давање донации на политичките партии, условите и критериумите кои е потребно да ги исполнат електронските медиуми за да имаат можност да аплицираат за политичко рекламирање во Државната изборна комисија, пропишување на јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските средства наменети за платено политичко рекламирање на електронските медиуми (интернет портали), определување надлежен орган за следење и известување за изборното медиумско претставување на електронските медиуми (интернет портали), воспоставување на интероперабилен систем/софтверско решение за размена и контрола на податоци за активност на банерите кој ќе има техничка можност за собирање на метрички и статистички податоци, предвидување глоби и за електронските медиуми (електронските портали) во случај за недоставување на Извештајот за рекламниот простор искористен од секој учесник во изборната кампања и средствата кои се платени и се побаруваат по таа основа и обезбедување на едукација на учесниците во изборната кампања за начинот на подготовка на вкупниот финансиски извештај со спецификација за трошоците за приходите и расходите во изборната кампања.