Во извештајот од ревизијата е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година.
„Извршена е ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност со законите и прописите за 2016 година и изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.
Проверката на спроведување на препораките дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2016 година е спроведена во текот на 2018 година кога е утврдено дека од дадените осум препораки спроведени се четири препораки, две препораки не се спроведени, додека една препорака е делумно спроведена и една препорака била во тек на спроведување“, се вели во извештајот на ДЗР.
Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Здравствениот дом за 2024 година се покажало дека во делот на евиденциите на постојаните средства со кои располага Здравствениот дом утврдени се состојби кои влијаат на реалноста и објективноста на билансот на состојба, а кои се однесуваат на неусогласеност помеѓу сметководствената и материјалната евиденција, како и невоспоставена сметководствена евиденција на средства добиени по пат на донација.
„Во делот на евиденциите на залихите со кои располага Здравствениот дом утврдивме дека не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција на вакцини за имунизација на населението и лекови и потрошен материјал за третман на дијабетес кои во име и за сметка на Здравствениот дом ги набавува Министерството за здравство.
Дел од објектите со кои располага Здравствениот дом имаат статус на бесправно изградени објекти.
Во делот на набавка на тестови и материјали за лабораториски испитувања утврдивме несоодветна примена на Законот за јавните набавки,
За надминување на утврдените состојби ревизијата даде препораки со цел преземање на мерки и активности од одговорните лица во функција на подобрување на состојбите“, се нагласува во извештајот на ДЗР.
Освен забелешките во финансиско- материјалното работење, констатирана е неорганизирана примарна здравствена заштита во рурални населени места без избран доктор на територија која ја покрива Здравствениот дом.
„Во текот на 2025 година Министерството за здравство до директорите на ЈЗУ низ државата, меѓу кои и до Здравствениот дом испратило ‘известување5’ за итна организација на примарна здравствена заштита на рурални населени места без избран лекар. Известувањето се темели на податоци од Фондот, согласно кои на територијата која ја покрива Здравствениот дом овој тип на заштита не е организирана за 9 населени места, 6 со вкупно население од 987 лица. При тоа наведено е дека организацијата и обезбедувањето на овие услуги се во надлежност на Здравствениот дом и дадени се насоки да се изготви програма за организација на примарна здравствена заштита во овие населени места, а со цел да се обезбеди еднаков и квалитетен пристап до здравствени услуги на сите граѓани согласно член 32-а од Законот за здравствена заштита. Од страна на Здравствениот дом изготвена е Програма7 во која е наведено дека Здравствениот дом поседува неколку пункта/амбуланти со чие користење може да се обезбедат услови за давање на здравствени услуги во руралните места, но истите не се функционални ипотребно е да се обезбеди: чистење, делумно реновирање, набавка на мебел и опрема; медицински персонал со кој до денот на ревизијата Здравствениот дом не располага поради неодобрени нови вработувања; средства за набавка на лекови бидејќи само дел од потребните лекарства може да се обезбедат од залихите на Здравствениот дом.
Со извршениот увид во приложената документација утврдивме дека со програмата не е предвидена временска рамка на активности ниту пак потребен буџет за нивно извршување поради што неизвесно е кога и дали ќе се обезбеди примарна здравствена заштита во руралните места“, се наведува во извештајот на ДЗР за Здравствениот дом во Ресен
Исто така констатирани се незавршени активности за реконструкција на објектот на Здравствениот дом.
„Во рамки на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор предвидено е финансирање на реконструкција на објектот на Здравствен дом Ресен чија вредност е проценета на 45.099 илјади денари. За оваа цел склучен е ‘договор8’ за грант со Министерството за финансии во кој е предвидено дека средствата се обезбедени од Заем на меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка. Со договорот предвидено е проектот да се спроведе од страна на Министерството за финансии преку единица за управување со проектот која набавките ги спроведува согласно Правилникот за набавки на Светска банка.
Со извршениот увид на лице место и во приложената документација утврдивме дека до денот на ревизијата градежните работи на објектот се во застој и не се завршени, иако согласно дел V од Планот за реализација на проектот е предвидено истите да завршат до 31.12.2024 година.
Имајќи предвид дека одложувањето на рокот за извршување на градежните работи создава ризик за непречено вршење на дејноста како и ризик од зголемување на цените на градежните материјали ревизијата укажува дека Здравствениот дом во соработка со Министерството за финансии треба да преземе активности за комплетирање на градежните работи на објектот во разумен рок“, се укажува со ревизијата спроведена од Државниот завод за ревизија.
.






