петок, 6 јуни 2025

ДЗР: Нема доволно зеленило во ГУП-овите на 22 општини

Од 34 општини со седиште во град, генералните урбанистички планови на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, се вели во последниот извештај на Државниот завод за ревизија Државниот завод за ревизија за успешност на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“. Ревизорите дадоа негативен одговор на прашањето дали мерките и политиките на централната и локалната власт обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите.

Објавено на

часот

Сподели

Според ревизорите причините за ова се масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување на урбанистички планови, недонесените годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, финансирањето на урбанистички планови од приватни лица, неизрекувањето на глоби спрема прекршителите… Сето ова придонесува да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост во градовите.

Мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите, утврди ДЗР.

„Поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институции резултира со недостаток на правна рамка што ќе го уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање. Во услови кога донесувањето на нов просторен план како највисок стратешки документ на државата доцни повеќе од четири години, имајќи ги предвид настанатите суштински промени во општествениот, економскиот, демографскиот и просторниот развој. Постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година се донесуваат врз основа на неажурирани податоци и информации и не соодветствуваат на состојбите во државата“, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите утврдиле и дека во општините паралелно се водат и одржуваат два информациски системи кои не ги споделуваат во целост податоците во Национална инфраструктура на просторни податоци.

„Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото. Зелен катастар во форма на ГИС1 портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото. Ова укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво.

Постапката за донесување на урбанистички планови се врши преку електронски систем е-урбанизам, но поради комплексноста, обезбедувањето на мислења од 22-30 институции/установи и правни лица, должината на законски утврдените рокови и нивното недоследно почитување, од вкупно 34 општини со седиште во град, 8 општини (23%) имаат важечки ГУП, 24 општини (71%) имаат ГУП со изминат плански период, а две општини (6%) воопшто немаат донесено генерален урбанистички план. Генералните урбанистички планови на 14 општини се донесени по изминување на 3 до 5 години од планскиот период за кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраење на периодот. Од 2020-2024 година, 77% од постапките за донесување на ДУП во системот е-урбанизам не се завршени поради непочитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци која за одредени општини трае и до 4 години.

ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.

Снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и чиста животна средина.

Карактеристично за Тетово е што нема градски парк. Изборот на урбанистички планови и проекти на општините кои ќе се финансираат од годишните програми за финансирање на урбанистички планови, донесени од Владата на Република Северна Македонија во периодот 2020-2024 година е извршен на нетранспарентен начин, без јавен повик, комисија и критериуми за избор, а средствата кои се предвидени не се доволни за финансирање на сите проекти. Од друга страна, недоволната информираност, заинтересираност и начинот на размислување на граѓаните за учество во постапките за донесување на урбанистички планови, како и финансирањето на плановите од страна на заинтересираните правни/физички лица со 48% во годишните програми на општините доведува до состојба на преовладување на приватниот над јавниот интерес. Општините не обезбедуваат доволно средства за одржување на јавни зелени површини со оглед дека 80% од нив немаат донесено одлуки за наплата на надоместокот за одржување на зелени површини, 20-30% ги наплатуваат комуналните такси за користење на јавни зелени површини и поставување на рекламни паноа на зелени површини, додека 59% од општините не издвоиле средства за подигнување на нови зелени површини во периодот од 2020-2024 година. Централната и локалната власт нема обезбедено ефикасен мониторинг и контрола, односно неизрекувањето на глоби спрема прекршителите, како и намалените износи на глобите за прекршоци, придонесува зеленилото да се уништува, да не се одржува и да не се заменува со ново зеленило.

Министерството за животна средина и просторно планирање не врши надзор над општините во делот на спроведувањето на законските одредби за урбано зеленило и не е обезбедено континуирано следење на состојбите и промените во просторот, од причина што годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 – 2024 година, воопшто не се изработуваат.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобри урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“, пишува во извештајот на ДЗР.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ