Во извештајот се нотираат сериозни неправилности во управувањето со имотот, евиденцијата на капиталот и распределбата на надоместоци, кои, според ДЗР, можат неповолно да влијаат врз ликвидноста на друштвото и развојот на гасниот систем во државата. За сите утврдени слабости, ревизорите дале конкретни препораки за нивно надминување и унапредување на финансиското и материјалното работење.
Најголемиот дел од инвестициите во тек се однесуваат на изградбата на трите магистрални гасоводи (ЛОТ 1 – 61 километар, ЛОТ 1 – 36 километри, ЛОТ 2 и ЛОТ 5), во вредност од над 143 милиони евра без ДДВ. Иако гасоводите биле целосно изградени во периодот од 2016 до 2024 година, тие не се ставени во употреба поради нерешени имотно-правни односи при експропријација на земјиштето, како и пролонгирања поврзани со одобрување измени во текот на градбата.
Од ДЗР посочуваат дека со измените на Законот за градење, донесени во април 2025 година, поедноставена е постапката за добивање одобренија за употреба на линиски инфраструктурни објекти. Во таа насока, НОМАГАС АД Скопје во јуни 2025 година склучил рамковна спогодба за јавна набавка на геодетски услуги и обезбедување законски одобренија за употреба.
Ревизијата утврдува дека НОМАГАС располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир–Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти, како блок-станици, мерно-регулациони и чистачки станици, сè уште не е утврден правниот статус. За нив се водат постапки за легализација, но до завршување на ревизијата не било донесено ниту едно решение.
Дополнително, ревизорите укажуваат дека и натаму не е воспоставен оператор на системот за дистрибуција на природен гас, иако во минатото биле започнати активности во таа насока. Постапката за јавно-приватно партнерство, започната во 2019 година, била поништена со одлука на Владата во август 2024 година, со што останува неизвесно определувањето на дистрибутивен оператор.
Во финансиските извештаи е констатирана разлика во вредноста на капиталот од 28,1 милиони евра, која произлегува од основањето на НОМАГАС преку спојување на АД НЕР и АД ГА-МА Скопје. Утврдени се и неправилности во пресметката и распределбата на надоместокот за неутралност, при што биле исплатени средства и на правни лица кои во тој период немале статус на балансно одговорна страна.
Ревизорите нотирале и дека друштвото орочило 20 милиони денари во деловна банка со минимален принос, без одлука на Одборот на директори, и покрај тоа што во истиот период имало неплатени заеми. Дополнително, укажано е на ризици поврзани со дадениот краткорочен заем од 75 милиони денари на АД Пошта, од кој до мај 2025 година биле вратени само 2,5 проценти.
Во извештајот се наведува и дека во 2025 година започнале активности за изградба на интерконективниот гасовод со Грција, финансиран со заем и грантови од Европската инвестициска банка, при што се истакнуваат и забелешки за начинот на евидентирање и капитализација на одредени трошоци.
Покрај наведеното, ДЗР констатирал и други слабости поврзани со јавните набавки, систематизацијата, пресметката на платите, распределбата на добивката, како и неискористени објекти за кои се плаќа закупнина, што дополнително го оптоварува финансиското работење на друштвото.






