среда, 10 декември 2025

ДЗР: ЕСМ долго нема изградено големи енергетски капацитети и е во неповолна финансиска состојба

Енергетската транзиција како стратешки приоритет на државата се соочува со предизвици во спроведувањето на политики, обезбедување финансиски средства, технички ограничувања и изградба на нови капацитети. Термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои до 2030 година треба да се затворат, сѐ уште немаат соодветна замена бидејќи ЕСМ, не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на струјата на ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција, се наведува во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема ”Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија “ со цел да даде одговор на главното прашање дали планираните реформи за енергетска транзиција со обновливи извори на енергија ќе обезбедат енергетска сигурност, економска стабилност и исполнување на меѓународните обврски за декарбонизација.

Објавено на

часот

Сподели

Според извештајот на ДЗР, и МЕПСО се соочува со барања за приклучок на преносната мрежата кои не може да ги одобри од технички аспект. Дополнително, проектот за изградба на далекувод 400 kV кон Албанија на Коридор 8 како регионален проект на Енергетската заедница, започнат во 2015 година е во застој.

„Со извршената ревизија утврдивме дека се спроведуваат реформи за декарбонизација, реформи на пазарот на електрична енергија кои се стратешки планирани, со заедничка декларација формирана е инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција, воспоставена е институционална рамка, активности кои не се доволни доколку не се обезбедат услови за имплементација од страна на енергетските компании. Имено според податоците кои ни беа презентирани утврдивме дека ЕСМ подолг период нема изградено големи енергетски капацитети и се соочува со неповолна финансиска состојба. Изградена е ФЕЦ Осломеј 3 од 100MW преку ЈПП, ФЕЦ Осломеј 1 од 10MW која до денот на ревизијата не беше оперативна. Операторот на електро преносниот систем ( АД МЕПСО) треба да ја развие мрежата за интеграција на новите инвестиции во обновливи извори на енергија. Потребно е да се создадат услови за балансирање на променливото производство од обновливи извори на енергија“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите утврдиле и застој во имплементација на проект на ПЕЦИ листата на Енергетската заедница, изградба на електро преносна мрежа на Коридор 8 кон Албанија.

„Започнати се пазарни реформи преку планирани нови мерки за поддршка во форма на аукции ЦфД, мерки за регионално пазарно поврзување, а се воведуваат гаранции за потекло на електрична енергија од ОИЕ, што овозможува потврдување и промоција на зелена енергија. Клучен документ за остварување на енергетските и климатските цели e Планот за енергија и клима усвоен во 2022 година од страна на Владата. Со овој план се дефинирани целите за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82 отсто во споредба со 1990 година, затворање на термоелектраните на јаглен и учеството на обновливите извори на енергија во крајната потрошувачка во износ од 38 отсто до 2030 година. Меѓутоа утврдено е дека не се изработени извешти за следење на имплементацијата на планот, поради што отсуствува мониторинг над спроведувањето на политиката и остварување на целите“, констатирале ревизорите.

Според податоците презентирани во Годишниот извештај на Регулаторна комисија за енергетика од 1.502 домашни производители на електрична енергија, 1.494 користат обновливи извори на енергија, од нив 179 користат повластена тарифа, 53 користат премија, додека 1.262 електроцентрали не користат мерки за поддршка за производството на електрична енергија.

Како што утврдиле ревизорите, производителите коишто користат мерки за поддршка учествуваат со 16 отсто во вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија и во износ од девет отсто во вкупниот инсталиран капацитет на електрична енергија.

„За доделените мерки за поддршка, недостасува анализа за нивната ефикасност и влијание, а Секретаријатот на Енергетската заедница препорачува подобра анализа и избегнување на државна помош која фаворизира и има негативно влијание врз животната средина. Во 2024 година АД ЕСМ учествува со околу 58 отсто од вкупното производство на електрична енергија и претставува столб на домашното производство на електрична енергија и е клучен субјект во процесот на енергетската транзиција на државата. Државата до 2030 година треба да ги затвори термоелектраните кои сѐ уште се најголеми производители на електрична енергија, со учество од 38,4 отсто од вкупното производство во 2024 година, а воедно и најголеми загадувачи кои испуштаат CO2 во воздухот. Одлуката за продажба на 100 отсто од производството на електрична енергија на ЕСМ на универзалниот снабдувач по цена кој е пониска од производствената предизвикува загуба во работењето на компанијата. Со Законот за енергетика донесен во 2018 година и во примена до мај 2025 година било уредено дека производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет е должен на универзалниот снабдувач, во постапките за набавка за електрична енергија, во согласност со правилата за набавка на електрична енергија за универзалниот снабдувач, да му понуди на продажба електрична енергија која започнувајќи од 2019 година треба да изнесува најмалку 80 отсто, во 2024 година е најмалку 40 отсто од вкупните годишни потреби на снабдувачот, а во 2025 година најмалку 30 отсто. Работењето во вакви услови на ЕСМ го доведува во прашање континуитетот на работењето на акционерското друштво и ефикасното спроведување на јавните инвестиции во областа на енергетиката“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите уште утврдиле дека продажната цена која универзалниот снабдувач ја плаќа на повластените производители и на слободен пазар е значајно повисока од цената која ја плаќа на ЕСМ. Политика за продажба на производството на универзалниот снабдувач за заштита на граѓаните од ценовни шокови придонело за државна поддршка на ЕСМ преку Буџетот на државата, а ЕСМ во 2023 се задолжил кај ЕБОР со заем во износ од 100.000.000 евра за ликвидност со обврска за декарбонизација.

„Како услов на заемот е изработка на Студија за декарбонизација со која треба да се утврди влијанието на политиката на праведна транзиција врз целокупното работење на ЕСМ. Од страна на ЕСМ – сектор за развој и инвестиции во ноември 2024 изработен е план за Капитални проекти на ЕСМ со вкупно 26 проекти од кои 10 се активни во различна фаза на зрелост и имплементација, а останатите 16 се планирани проекти. Проектот за изградба на реверзибилна хидроелектрана Чебрен и акумулацијата Орлов Камен со капацитет од 333 MW (458 MW) за производство на електрична енергија од 1.044 GWh годишно е од клучно значење за државата поради обезбедување на електрична енергија во време кога побарувачката е најголема и подобро управување со снабдувањето со електрична енергија во Југоисточна Европа,  зголемување на уделот на ОИЕ во производството на АД ЕСМ од 25 отсто на приближно 45 отсто намалување на емисијата на CO₂ за 200.000 тони годишно. Со Инвестицискиот план за транзиција од јаглен е определено дека на местото на термоелектраните планирана е изградба на фото напонски централи за кои ЕСМ ќе биде инвеститор, освен изградбата на ФЕЦ Осломеј 3 со јавно приватно партнерство“, констатирале ревизорите.

Во ревизорскиот извештај е утврдени и дека последно изградени и пуштени во употреба јавни инвестиции на ЕСМ се ХЕЦ Света Петка, пуштена во употреба во 2012 година и ветерен парк Богданци пуштен во употреба во 2014 година, додека ФЕЦ Осломеј 1 е изграден, но сеуште не е пуштен во употреба.

„Развојот на електро преносната мрежа е клучен за обезбедување стабилна, флексибилна и одржлива енергетска иднина на земјата и регионот. Новите капацитети од обновливи извори пораснале од 303 MW на крајот од 2020 година, на над 1.500 MW до 2024 година. Иако со законските измени од 2022 година се предвидува системско планирање на изградбата на производни капацитети од  фотонапонска електроцентрала, Владата нема усвоено Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Поради ова отсуствува јасна стратегија за избор и приоретизирање и дава можност за несоодветно одлучување за голем број на барања за приклучување на преносната мрежа. Со новиот Закон за енергетика од мај 2025 година се очекува да ја надмине оваа состојба“, велат од ДЗР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ