среда, 30 јули 2025

ДЗР: ДУИ собирала членарина повеќе одошто смее, СДСМ е кираџија во сопствениот имот

Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави конечниот извештај од ревизијата на регуларност на политичките партии, СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ, Демократска унија за интеграција (ДУИ), Движење БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Објавено на

часот

Сподели

Ревизијата се однесува на финансиските извештаи, сметките за редовно работење и законитоста на финансиските трансакции за 2023 година, спроведени од овие политички партии.

Целта на ревизијата е да се оцени дали финансиското работење на партиите е во согласност со законските прописи и стандардите за финансиско известување, со посебен акцент на транспарентноста и одговорното трошење на буџетските средства.

Што се однесува до Демократската унија за интеграција (ДУИ), ревизорите утврдиле дека во 2023 година уплатени се средства за членарина над законски дозволениот лимит и недоволна кадровска екипираност на вработените лица во ПИАЦ согласно законските одредби.

„Да се преиспита законската одредба во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка, да се регулира на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање, да се утврди временската рамка во која Министерството за правда треба да донесе одлука за распоредување – исплаќање на средствата за партиите, а потребна е и измена и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации“, се наведува во извештајот на ДЗР за финансиското работње на ДУИ.

А, СДСМ и после повеќе од триесет години сѐ уште не го решила сопственичкиот статус на зградата во која се наоѓа партиското седиште.

„За дел од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата не e решен сопственичкиот статус, поради што истите не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата“, констатирале ревизорите.

Според ДЗР, СДСМ треба да го преиспита своето финансиско работење во делот на финансирањето на изборната кампања со парите од редовната сметка на политичката партија.

„Донесување поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно. Доуредување на законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовно годишно финансирање на политичките партии. Преземање активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации, со кои ќе се обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на ‘модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции’“, се наведува во ревизорскиот извештај.

И ВМРО-ДПМНЕ се соочува со неправилности во финансиското работење во врска со партиското седиште.

„Забрана за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка во 2018 година, која влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба“, констатирале ревизорите.

Од ДЗР препорачуваат ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита законската одредба во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка, да го регулира начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање, да ја утврди временската рамка во која Министерството за правда треба да донесе одлука за распоредување – исплаќање на средствата за партијата.

Алтернатива пак минатата година прикажала помал приход поради неевидентиран приход од пренесен вишок од минати години, а во партијата нема воспоставено материјална евиденција на постојаните средства.

„Преиспитување во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија, во врска со член 88 од Изборниот законик, донесување поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно, доуредување на законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовно годишно финансирање на политичките партии, преземање активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации, со кои ќе се обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на ‘модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции’“. се наведува во Ревизорскиот извештај.

Алијанса за Албанците пак не воспоставила сметководствена евиденција согласно начелото на модифицирано настанување на статусни промени.

„За материјалните/постојаните средства во партијата не е воспоставена книга на капитален имот (постојани средства), во дел од договорите за вработување не се содржани задолжителните елементи согласно Законот за работни односи. Да се преиспита делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија, да се донесат поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно. Да се доуреди законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовно годишно финансирање на политичките партии о да се преземат активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации, со кои ќе се обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на „модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции“, препорачуваат ревизорите.

Што се однесува до БЕСА пак, ревизорите велат дека треба да се преиспита делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија и препорачува да се донесат поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно.

„Да се доуреди законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовно годишно финансирање на политичките партии. да се преземат активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации, со кои ќе се обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на ‘модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции’“, се наведува во ревизорскиот извештај на ДЗР.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ