понеделник, 8 декември 2025

Џаферовска: Бараме одговорност од Панче Тошковски за убиството и самоубиството во Велес

Форумот на жени на СДСМ денеска побара итно разрешување на целото раководство на СВР Велес и одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по трагичниот настан во Велес.

Објавено на

часот

Сподели

„По трагедија во Велес која можеше да биде спречена, бараме итно разрешување на цело СВР Велес и одговорност од Панче Тошковски“, изјави пред Министерството за внатрешни работи Зана Џаферовска од Форумот на жени на СДСМ.

Таа нагласи дека осудата и одговорноста за овој случај не се прашања на политика, туку на човечки и етички норми. Според изнесеното, жртвата повеќепати барала заштита, пријавувала закани, насилство и кражби, а во медиумите се споменува дека имало над 70 пријави. „Полицијата знаела, социјалните служби знаеле, институциите не мрднале со прст. Страшно и болно истовремено“, додаде Џаферовска.

Од Форумот на жени порачаа дека институциите не успеале да го заштитат животот на жената и уште еден човек, а поради нивното молчење и непреземање мерки, згаснале два човечки животи.

„Ова е порака до сите нас дека системот потфрли. А кога системот не ги штити жените, тогаш мора да има одговорност и тој систем мора да се промени од корен. Жените во Македонија не смеат да живеат во страв за својот живот и за својата безбедност, само затоа што нивните пријави ќе завршат во некоја фиока“, рече Џаферовска.

Таа додаде дека денешниот протестен собир е порака: „Доста е! Уште колку човечки животи треба да згаснат за Тошковски да понесе одговорност?“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ