вторник, 23 декември 2025

Двојниот „бадентер“ на ДУИ – сеење семе на бурата, жетвата неизвесна од „климатските промени“

Конгресот на Демократската унија за интеграција што се одржа изминатиот викенд и најавите за предлог-програма за нов „Национален договор за напредок“, некако беа примени без особена возбуда во политичкиот амбиент во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Главните поенти на тој Национален договор за напредок од политичката „кујна“ на ДУИ е официјализираното барање за воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација. Беше повторено и барањето за целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Всушност, партијата на Конгресот усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.

Но она што предизвика реакција барем на еден политички субјект во Македонија се барањата за т.н. „двоен бадентер“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети истакна на конгресот дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.

„Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно ‘извршен бадентер’. Секој нов состав на Владата да ја добие довербата во Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници“, смета Ахмети.

Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип и во Уставниот суд.

„Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите“, рече Ахмети.

За разлика од некои претходни времиња иницијативи и барања за „зајакнување на унитарниот карактер на државата“, познати, а непризнати од ДУИ дека се случиле, како Тиранска платформа, новопромовираниот Национален договор за напредок на оваа сега опозициска партија од албанскиот блок во Македонија, некако не предизвика поголема јавна дебата. Како со намери за сериозно загрозување на уставниот поредок и слабеење на државата, предлогот за национален договор јавно го препозна единствено Социјалистичката партија на Македонија (СПМ).

„Под формата спроведување на Рамковниот договор, Ахмети бара примена на принципот на Бадентер да се прошири и за извршната власт при избор на Влада и за донесување на одлуките на Уставниот суд. Така како што тој ја замислува демократијата со вткаен големоалбански шовинизам, не се ни обидува да го сокрие.

Тој бара да се подреди државата и системот под владеење на ДУИ. Да се минимизира важноста на мнозинството во државата, а да се мајоризира малцинството. Апсурдни неприфатливи барања, кои не постојат во ниту еден правен систем.

Дрските и безобѕирни предлози на Ахмети сигурно би ги прифатиле од СДС. Но не и коалицијата на власт која не треба да им посвети никакво внимание, сметајќи ги најмалку како несериозни, или повеќе противзаконски.

Социјалистичката партија на Македонија на јавноста ѝ укажува дека наместо унитарна, ДУИ предлага нестабилна држава каде малцинството ќе го подреди мнозинството и ќе предлага одлуки кои ќе ја блокираат државата, а се и против интересите за нејзиниот раст и развој.

СПМ се залага за правна и демократска држава на сите граѓани согласно со Уставот и законите што е веќе уредено и признато во меѓународни рамки.

Секое барање надвор од тоа е против интересите на граѓаните, државата и на македонскиот народ, но и против самиот систем и надвор од законот што претставува и повод за институционална реакција“, беше конкретно и децидно наведено во реакцијата на Социјалистичката партија на Македонија за барањата за уставни интервенции на ДУИ изнесени на нивниот конгрес.

Неколку дена подоцна, од СПМ се изненадени зошто на вака изнесените барања на ДУИ, нема реакција од други политички субјекти во државата. На претпоставката дека отсуството на поголема реакција е можеби процената на другите политички фактори дека ДУИ како опозиција, веќе нема толкава моќ за спроведување на своите етничко-национални барања, од СПМ нагласуваат дека загрижувачки е што тие ставови се непроменливи, а нивното своевидно официјализирање на конгресот е „засејување семе“, за некоја „политичка жетва“, од која не се откажува ДУИ.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски пак цени дека програмата Национален договор за напредок, во една смисла е дел од политичкиот маркетинг на ДУИ, ребрендирање на партијата за да ја одржат актуелноста на политичката сцена додека се во опозиција.

„Другиот момент е нагласување на нивниот наратив дека Албанците во Македонија повторно се чувствуваат лошо, дека повторно се нарушени меѓуетничките односи со укинување на некои привилегирани законски решенија што беа издејствувани во времето додека ДУИ беше во Владата, како Законот за употреба на јазиците, ‘балансерот’ при вработување во администрацијата… Навистина се укинати тие привилегии од актуелната влада, но и тоа е направено како реакција на општеството за нивната несоодветност и сомнителна правичност. Забелешките на ДУИ, преточени во барања со Националниот договор за напредок, од нивна перспектива можеби изгледа навистина како намалување на ‘слободата’ на Албанците, но дали работата е дојдена до таму за нов национален договор е мошне лабава теза. Што се однесува до барањето за „двоен бадентер“ за формирање Влада е реанимација на стариот ‘непишан’ принцип – победник со победник. Но мислам дека овие наративи на ДУИ, постојаното инсистирање на Рамковниот договор, во голема мера се истрошени. Кај Албанците во Македонија веќе не се толку ‘запаливи’ тие етнички наративи. Повеќе ги интересираат темите како приближување до ЕУ, слично како и Македонците, но и тука гледиштата за исполнување на условите се различни“, вели Петар Арсовски.

Во однос на капацитетите на ДУИ да ја радикализира безбедносната ситуација во Македонија, како што знае одвреме-навреме на потсетува на конфликтот од 2001 година, доколку не им се исполнат барањата, Арсовски смета дека веќе нема логистички предуслови за предизвикување оружен конфликт ( снабдување со оружје на паравоени формации), откако Македонија е членка на НАТО.

Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ