„Одбележуваме почеток на еден поинаков пристап во политиката во нашата земја и знам дека сме на вистинскиот пат Македонија да ја направиме поубаво место за живеење“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека ЗНАМ е континуитет на вредностите што ја прават Македонија држава за сите граѓани, од Крушево до АСНОМ.
„Претседателот ја истакна експанзијата на Движењето низ државата, со стабилно членство во 53 општини и во Скопје.
„Создавме политички субјект кој е препознаен и етаблиран на македонската политичка сцена, со растечко членство и стабилна партиска инфраструктура“, рече тој.
„Димитриевски се осврна на учеството на ЗНАМ во Владата, со освојување на шест пратенички места и преземање одговорни ресори – Министерството за правда и Министерството за јавна администрација. „Нашата цел не беа фотелјите, туку резултатите. Реформите во овие ресори се спроведуваат и проблемите се решаваат“, потенцираше тој.
Претседателот ги нагласи и резултатите на локалните избори 2025 година, со освоени 39.000 гласови на советничките листи, 44 советници во општините и градот Скопје и градоначалничко место во Куманово.
Димитриевски реафирмираше пет столба на партиската политика: интеграција во ЕУ, современа и демократска држава, самоодржливост на државата, правда за сите граѓани и стабилни меѓуетнички односи.
„Нашата заложба е Македонците да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава“, додаде тој.
Тој се осврна и на членството во НАТО како гаранција за мир и стабилност, како и на стратешките односи со САД. Претседателот повтори дека ЗНАМ останува посветен на интеграцијата во ЕУ, но со зачувано достоинство и национални интереси.
Димитриевски истакна дека внатрешната сплотеност и единство се клучни за остварување на целите на државата, преку Националната Платформа за македонско национално единство.
„Само како средена, стабилна, праведна и модерна држава со економски развој и доверба во институциите можеме да имаме успех дома и на меѓународната сцена“, заклучи тој на прославата на втората годишнина од основањето на партијата.






