сабота, 14 јуни 2025

Дванаесет години затвор за Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова

Основниот кривичен суд Скопје го осуди на 12 години казна затвор Васил Јованов кој на 29 јануари оваа година ја прегази Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди во центарот на Скопје. Јованов има право на жалба, но не за изречената казна затвор туку само за висината на казната односно 12 години затвор.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во образложението на одлуката судијката Снежана Марковска кажа дека при одлучувањето судот ги земал во предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности кои биле причина за предизвикувањето на сообраќајната несреќа, како и последицата од несреќата, а тоа е смртта на оштетената Фросина Кулакова.

Марковска рече дека како олеснителни околности sудот ги ценел признанието на вина и чувството на вина, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, возраста и немањето доволно искуство, поранешениот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото.

„Како отежнителни интензитетот на дејствијата и прекршување на голем број бланкетни норми од Законот за сообраќај, како и степенот на опасност од предизвикување на ова дело и тоа што обвинетиот е претходно осуден на казна затвор од три години и десет месеци за недозволена трговија со дрога и фактот што против него пред судот се отворени уште неколку постапки за поминување на црвено и загрозување на животот на пешаците и целосно игнорантскиот однос кон нив. Особено како отежнителна околност судот ја цени загубата на еден млад живот, што најмногу ја чувствуваат родителите и семејството“, рече Марковска.

Таа дополни дека судот внимавал на целите од законот и сите околности при изрекувањето на висината на казната.

„Обвинетиот Васил Јованов е виновен затоа што без возачка, на црвено, под дејство на алкохол поминал на пешачки и удрил во пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло, и од кои се здобила со тешки повреди од кои на лице место настапила смрт. Судот го осудува на казна затвор од 12 години, во кое му се засметува и времето поминато во притвор, забрана за управување со возило од пет години и да плати парична казна и трошоци за судската постапка“, рече судијката Марковска.

Дополнително, судот пресуди и на Јованов да му биде забрането управување со моторно возило, како и да ги надомести сите трошоци на кривичната постапка.

Исто така, судот ги упати оштетените, семејството на Фросина Кулакова своето оштетно побарување да го остварат во Граѓанскиот суд Скопје.

Обвинителот Александар Марковски побара продолжување на притворот, а самиот Јованов рече дека нема никакво барање по однос на барањето на обвинителот.

Суијката Снежана Марковска објави пауза за да може судот да одлучи дали ќе го прифати барањето на обвинителството да му биде продолжен притворот до правосилност на пресудата.

Јованов има право на жалба, но не за изречената казна затвор туку само за висината на казната односно 12 години затвор.

Ваквата пресуда доаѓа откако Јованов на претходното рочиште призна вина и каење по што пред судот беа изнесени само доказите кои се однесуваат на висината на казната.

Според обвинението, тој на 29 јануари годинава, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, поминувајќи на црвено светло на пешачки премин, при што удрил во Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.

„Не можам да објаснам какво каење чуствувам. Не поминал ден да не се помолам за душата на Фросина и за нејзината фамилија. Тоа е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Сакам уште еднаш да искажам најдлабоко сочувство и извинување на семејството и на сите кои ги познавам“, изјави Јованов, во завршен збор пред Судот.

На првото рочиште што се одржа мината недела се изведуваа само докази кои се однесуваа на висината на казната, а не и за настанот, со оглед дека Јованов го призна делото.Обвинителот Александар Марковски, како докази за одмерување на видот и висината на казната, пред судот го наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда со казна затвор од три години и десет месеци и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани за разни сообраќајни прекршоци.

Адвокатот на семејството Кулакови, во завршниот збор побара највисока казна за обвинетиот, земајќи ги како отежнителни околности тоа што управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и без почитување на сообраќајните правила.

Бранителот на Јованов во завршниот збор рече дека во оваа сообраќајна несреќа губитници се двете семејства и дека е тешко и за семејството на загинатата Фросина, но исто така е тешко, како за обвинетиот, така и за неговото семејство. Повика да се престане со инсинуации, нагласувајќи дека Васил ниту избегал, ниту се обидел, и да било така, дека обвинителот ќе го гонел и за неукажување на помош. Тој пред судот достави докази за положени испити на факултет и медали од освоени натпревари во бокс, доказ од Ракометнана федерација дека е регистриран играч за сезоната 2021-22 и видео со времетраење од 36 секунди, за кое рече дека одбраната сака да го покаже пред Судот односот на обвинетиот непосредно по стореното дело и неговото искрено каење извикувајќи „леле што направив” и „греота за девојчето”.

Мајката на Фросина, Камелија Кулакова, во завршен збор пред Судот на минатото рочиште, рече дека не е само мајка што го изгубила своето дете, туку човек со откорната душа.

„Денеска сум гласот на Фросина, бидејќи таа не може да зборува. Кажете ми кој збор од законот може да го опише ова и да ја опише болката што ја имам. Ова не е судење за сообраќајка, ова е судење за грабежна живот и иднина. Барам највисока казна не за одмазда, туку за правда“, рече таа.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело предизвикување општа опасност. Обвинението се однесува на периодот од 4.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да вози иако знаел дека син му нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ