Како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници кои се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома, а освен двајцата кај кои е дијагностицирана шуга, останатите војници во понеделник треба да се вратат во касарната во Велес.
Од Армијата информираат дека заедно со Воено – медицинскиот центар се преземени сите потребни мерки за спречување на евентуално ширење на заболувањето, како и дека е спроведен епидемиолошки надзор и се постапува согласно препораките на стручните лица.
„Армијата континуирано презема соодветни превентивни и против епидемиски мерки за заштита на здравјето на персоналот во Армијата. Дополнително, ве информираме дека сместувањето на војниците е регулирано согласно правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња“, се наведува во соопштението.
Воедно појаснуваат дека капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови.
„Во изминатиот период во Армијата беа реализирани повеќе активности со значителен број на ангажирани припадници. Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес беше реализиран прием и сместување на повеќе класи на новопримени професионални војници, со бројка поголема од 300 лица, како и најголемата ситуациска вежба SEVEN STARS 2025”, со учество на над 150 национални и странски претставници, се наведува во соопштението од Армијата.
На ниво на Армијата, беше реализирана и вежбата „Immediate Response 25“ на АП „Криволак“, каде во теренски услови беа сместени над 2.200 припадници од Армијата и странски вооружени сили.
Воедно потенцираат дека во ниту еден од наведените случаи и покрај големиот број на ангажирани лица, не била евидентирана појава на ваков тип на заболување.






