Според Обвинителството, првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата “Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал.
„Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред сѐ поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство. За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот“, соопшти ОЈО Скопје.
Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека само СДСМ и бугарските политичари ја бранат Арсовска. Во денешното партиско соопштение меѓу другото се наведува дека „некогаш големата СДС се сведе заедно со Бугарија да бидат гумата за спасување на кариерата на Данела Арсовска“.
„И СДС во точно три случаи се јавува во јавноста за Данела. Првиот кога ја напаѓаше дека таа е неспособна и има бугарско државјанство. Вториот случај, кога во опозиција ја користеше за напаѓање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И третиот случај, кога заедно со Бугарите ја брани Данела. Скопјани ја препознаваат вистината и добро знаат што седи во позадина. ВМРО-ДПМНЕ доследно и принципиелно повикуваат на расветлување на инцидентот во Чаир, но и на разгледување и надзор на случајот со дивоградбите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак велат дека ВМРО-ДПМНЕ штити насилници.
„Вчерашниот инцидент во кој беше нападната градоначалничката на Скопје го потврди она што како партија го говоревме со месеци. Ова е длабоко криминализирана и авторитарна власт, која не бира средства за да го заштити криминалот и заплаши оние кои сакаат да го откријат. Градоначалничката на Скопје со месеци открива криминал. Ова ја поткопуваше удобноста на мрежите што власта ги одржува во Чаир и во цело Скопје. На крајот ова заврши со физички напад дозволен од полицијата.
Почитувани граѓани. Вчерашниот настан е порака до секој судија, секој обвинител, секој државен службеник или граѓанин да не се осмели да го чепне криминалот на власта. Ова е порака дека секој кој ќе им ги орткрие кримииналите може да биде следниот. Ова е систем на страв и закани кој доаѓа директно од власта. Инцидентот вчера и срамното непостапување на МВР и Тошковски, беше порака до секој што ќе се осмели да зборува за криминал, да покаже злоупотреби, да посочи корупција. Порака дека ќе биде нападнат, натепан и замолчен. Крајно време е Панче Тошковски да си поднесе неотповиклива оставка“, изјави денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Денеска се огласи и Арсовска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека во нападот при увид на дивоградба во скопската општина Чаир врз градоналаничката на Град Скопје Данела Арсовска имало физички контакт, но, дека е лага и повторен обид за манипулација на јавноста тврдењето оти тоа се случувало пред полицијата.