Според Дурмиши, процесот ќе биде отворен и инклузивен и ќе бидат консултирани сите засегнати страни – од организациите што ангажираат волонтери, до самите волонтери, експертите и локалната самоуправа.
„Оваа конференција е прва и е почеток на разговорите што ќе продолжат во институциите, граѓанските организации, во нашите партнерски организации во регионот и Европа. Верувам дека во овие два дена ќе слушнеме многу идеи што можат да ја променат реалноста. Наша задача е да им дадеме живот на тие идеи и да покажеме дека волонтерството е една од највредните инвестиции во општеството, да покажеме дека регионот може да гради мостови, да споделува искуства и да создава нови модели на соработка“, рече Дурмиши.
Законот, како што посочи, мора да ги одразува новите реалности затоа што општеството се менува, а со него мора да се менува и волонтерството.
„Балканот има репутација на место со бројни предизвици, но, вистината е дека на Балканот живеат луѓе кои навистина ја разбираат вредноста на солидарноста. Во последните години видовме колку е голем придонесот во хуманитарни акции, во локални иницијативи, па и во ситуации како онаа со трагедијата во Кочани. Општеството се менува, а волонтерството мора да се менува со него. Живееме во време на брзи промени и начинот на кој функционираме, работиме, комуницираме – сето тоа радикално се промени последната деценија“, нагласи Дурмиши.
Според евроамбасадорот Михалис Рокас, конференцијата доаѓа во вистинско време.
„Таа доаѓа во време кога не смееме да изоставиме никого и кога мораме да ги вложиме сите можни напори, за да ја внесеме оваа држава, во Европската Унија“, рече Рокас.
Конференцијата, чие што официјално отварање е закажано за утре во 9 часот, во организација на Асоцијацијата за спорт и волонтерство во партнерство со Министерството за економија и труд и со поддршка на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи и на партнерските ЕУ организации, Центарот за европско волонтерство и Конфедерацијата на европските услуги на сениорски експерти.
На официјалното отворање, според најавата на организаторот, ќе се обратат министерот за европски прашања Орхан Муртезани и извршниот директор на ЦЕСЕС Брисел, Исмаел Паез Цивико.
„Конференцијата има за цел да поттикне отворени и конструктивни дискусии, да овозможи создавање регионални партнерства, како и да придонесе кон заедничко креирање политики за развој на волонтерството. Посебен акцент ќе биде ставен на улогата на сениорите – волонтери над 50 години чиј долгогодишен професионален и општествен ангажман претставува значаен потенцијал за пренос на знаење, меѓугенерациско разбирање и зајакнување на заедниците. На настанот ќе учествуваат високи претставници на институциите од земјата и регионот, министри и заменици-министри, претставници на граѓанскиот и приватниот сектор, меѓународни организации и академската заедница“, соопштија организаторите.
Конференцијата се организира во рамки на прогласувањето на 2026 година за Меѓународна година на волонтерите за одржлив развој од страна на Обединетите нациии.






