недела, 14 декември 2025

ДУИ: Владеењето на Мицкоски е враќање назад во времето

Парадоксално е што премиерот зборува за „невраќање во 2001 година“, додека секојдневното практикување на владеењето на неговата влада е враќање назад во времето, кон дискриминацијата, мајоризацијата, исклучувањето и кршењето на правата на Албанците и другите заедници, се вели во реакцијата на ДУИ на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека ко се направи анализа на тајкунскиот карактер на функционерите на ДУИ кои од овчари станаа милионери, и се стави сето тоа во еден визионерски контекст на Ахмети, ќе сфатиме дека во право се старите мудри Македонци и Албанци кои велат дека нема ништо полошо од ненаситен човек.

Објавено на

часот

Сподели

Од ДУИ велат дека потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада.

„ДУИ зборува за иднината, за развојот, за меѓусебната почит, но нема иднина без правда и еднаквост. Оној што ги заборава неправдите од минатото, ги повторува во иднината. Ние нема да дозволиме неправдите од пред 2001 година да се повторат преку злоупотреба на власта и институциите, туку ќе инсистираме на зачувување на мултиетничкиот карактер на државата и целосно почитување на Охридскиот договор, бидејќи тоа е темелот врз кој треба да се гради секоја политика, секоја инвестиција, секое училиште и секоја автопатска делница. Кандидатите и победниците на изборите треба да бидат преферирани и избрани од народот, а не по желбите, преференциите и фаворизирањата на премиерот“, велат од ДУИ.

На ваквата објава на ДУИ веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако се направи анализа на тајкунскиот карактер на функционерите на ДУИ кои од овчари станаа милионери, и се стави сето тоа во еден визионерски контекст на Ахмети, ќе сфатиме дека во право се старите мудри Македонци и Албанци кои велат дека нема ништо полошо од ненаситен човек. Но, за ова не е виновен ДУИ, туку СДС. СДС се тие кои дозволија ДУИ да метастазира во општеството, јадејќи ги клетките на сите граѓани во оваа држава, без разлика на етничка припадност. Буџетот на Македонија за ДУИ беше цуцла-успивалка и секогаш кога ќе почувствуваа мала несигурност и анксиозност, тие мораа да украдат нешто за да се смират. Тоа е буџет од даноци кои ги плаќаат сите граѓани. А ДУИ тоа го правеше затоа што во СДС имаше поткупливи, корумпирани политичари кои исто така сакаа да крадат и беа седнати, поради своите страсти, во скутот на ДУИ и заедно со нив тераа и си молчеа. Целата јавност треба да е свесна дека визијата на Ахмети е таа. Пљачкање на Македонија, создавање тајкуни и мафијаши од овчари и неписмени уличари, и давање визионерска идеолошка обланда на сето тоа под плаштот на борба за демократија, права или европска иднина“, се наведува во дел од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека на локалните избори очекува кампања што ќе се однесува на проекти, но очигледно дека има политичка партија, посочувајќи на ДУИ „која  наместо да зборува за проекти и за иднина, нè враќа 20-25-30 години назад“.

Тој ја критикуваше ДУИ затоа што, како што рече, „под превезот на лажен патриотизам, тие ќе сакаат да создадат знак на равенство помеѓу нив и понудата на коалицијата Вреди и да ги обесхрабрат гласачите кои не се Албанци да излезат да гласаат.

„Заедно со одредени структури во опозицијата и ним блиски портали и медиуми се обидува да наметне атмосфера во општеството, а тоа посебно се однесува кон гласачите кои не се Албанци, Македонците и останатите, кога ќе излегуваат на избори да внимаваат за кого гласаат бидејќи, наметнувајќи теми од пред 20-25 години, сакаат да стават знак на равенство помеѓу Демократската унија за интеграција и, да речеме, коалицијата Вреди. И овие кога ќе излезат да гласаат, да гласаат практично со апстиненција или воопшто да не гласаат бидејќи, ставајќи знак на равенство, тие ќе речат: Па, видете, и овие се криминогени како што ние бевме 22 години, и овие се не помали националисти како ние што сме, така што подобро да не гласате ниту за нив, еве за нас секако нема да гласате. Мислејќи дека на тој начин ќе заборавиме на трговските центри, ќе заборавиме на фудбалчињата во канцеларија, ќе заборавиме на инстант фирмите за увоз на јаглен, ќе заборавиме на сета онаа пљачка која се случуваше изминатите повеќе од две децении“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ