Протестите пред Управата за јавни приходи (УЈП) се јасен доказ за институционален неуспех и за слепа даночна политика, која преку ретроактивни даноци им наметнува неправеден финансиски товар на граѓаните што со години ја обезбедувале егзистенцијата на своите семејства и придонесувале за економијата на државата, велат од ДУИ.
„Неприфатливо е граѓани што работеле во меѓународни мисии во Ирак, Авганистан, како и во други земји, често ризикувајќи го и сопствениот живот, денес да се третираат како средство за полнење на државната каса. Уште поскандалозно е непризнавањето на статусот на нерезидентен даночен обврзник и покрај јасните законски докази и фактот дека мнозинството од нив престојувале повеќе од 183 дена надвор од државата. Владата, преку УЈП создава правна несигурност, го игнорира законот и го претвора даночењето во средство за казнување. Граѓаните не се против даноците, туку против ограбувањето, неправедните и ретроактивните одлуки, кои го нарушуваат нивното достоинство и економска сигурност“, велат од ДУИ.
Поради ова, Демократската унија за интеграција бара итно укинување на даночните решенија со ретроактивно дејство, целосно признавање на документацијата за статусот на нерезидент и транспарентност и институционална јасност.
„Владата мора да престане да применува политики што ги ограбуваат граѓаните и да сфати дека државата не се гради со казнување на оние што жртвувале“, велат од ДУИ.






