сабота, 12 јули 2025

ДУИ: Новиот нацрт-закон за правична застапеност е уривање на Охридскиот договор

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на предложениот нацрт-закон за правична застапеност кој, според партијата, има за цел да го замени досегашниот Балансер со „нејасна, неефикасна и политички стерилна структура“ – координативно тело кое, велат, нема никаква реална моќ.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е обид уставната обврска да се претвори во административна фарса и да се демонтира една од најважните столбови на Охридскиот рамковен договор: правичната и еднаква застапеност на етничките заедници,“ реагираат од ДУИ.

Партијата предупредува дека предложеното решение е директно насочено кон укинување на правно обврзувачкиот механизам за застапеност, што според нив претставува сериозна закана за правата на Албанците и на другите заедници.

„За Албанците, овој закон е штетен. И нема да запреме сѐ додека Балансерот не се врати како единствен правно обврзувачки механизам за гарантирање еднаквост во администрацијата,“ стои во реакцијата.

ДУИ остро ја критикува и идејата Балансерот да се замени со „годишни извештаи“ и „координативни тела“ кои, како што велат, немаат никаква надлежност да обезбедат спроведување на принципот на застапеност.

„Самиот обид да се замени прецизниот и транспарентен калкулатор со политичко тело без надлежности, е чин на неправда и институционална етничка доминација. Сервилноста создава сервилни политики, и ДУИ нема да прифати Албанците, но и другите етнички заедници, да бидат третирани како декор во државата што секојдневно ја градат,“ порачуваат од партијата.

Посебна критика беше упатена и кон ангажирањето на професорката Тања Каракамишева како автор на нацрт-законот, при што од ДУИ ја нарекуваат „јавна фигура добро позната по нејзините ставови против мултиетничноста, Охридскиот рамковен договор и самиот принцип на еднаквост“.

ДУИ најавува дека ќе ги искористи сите демократски и институционални средства за блокирање на, како што велат, оваа опасна иницијатива.

„Ги повикуваме сите пратеници од редовите на етничките заедници да не станат соучесници во легализацијата на дискриминацијата. Ова е моментот кога треба да се заштитат уставот, мировниот договор и самиот меѓуетнички соживот во државата,“ се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ