„Наместо да даде отчет за слабите резултати во секоја област – од економијата до меѓународната изолација, Мицкоски измислува непријатели и ја напаѓа ДУИ,“ се вели во соопштението.
ДУИ наведува дека премиерот треба да објасни зошто Владата го крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и други институции за партиски цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад пред 2001 година.
Од партијата предупредуваат дека не можат да останат рамнодушни кон прекршувањето на Охридскиот рамковен договор, оценувајќи го како документ од суштинско значење за стабилноста и иднината на државата. ДУИ обвинува дека Мицкоски се обидува да создаде „политички кнежевства“ меѓу Албанците преку контролирани мали партии, што, според нив, е проект осуден на пропаст и со цел да се ослабне албанското политичко претставување.
„Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја загрозува европската перспектива,“ нагласуваат од партијата.
ДУИ додава дека нивната цел не е опстанок во власта, туку извлекување на државата од ќорсокак и напредок кон ЕУ и НАТО интеграциите. Владата, како што велат, ја насочува земјата кон „српскиот свет“ и ја врзува за оската Белград–Москва, наместо за евроатлантските приоритети што граѓаните ги избрале.
Во однос на обвинувањата за корупција, ДУИ повторно предлага целосен ветинг – проверка на имотот и интегритетот на сите политичари, партии и институции, вклучувајќи ја и приватизацијата, безбедносните служби и функционерите од 1945 година наваму.
„ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Клеветите на Мицкоски нема да ги сокријат неуспесите на Владата. Одговорот на граѓаните ќе стигне во октомври – и тој ќе биде јасен,“ порачуваат од партијата.
Во соопштение до јавноста вчера ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на настапите на ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека секогаш кога се соочува со одговорност за криминал и корупција, се крие зад етнички теми и меѓуетнички односи.
„Ова е старата и одамна потрошена матрица на Ахмети, Османи и нивните луѓе, секогаш кога им се сече гранката на криминалот и корупцијата, кога повеќе нема тендери и рекет, тогаш наеднаш стануваат ‘заштитници на Албанците’ и ‘бранители на меѓуетничките односи’. Во превод: кога нема пари и функции, тогаш почнуваат да се кријат зад етничкото знаме. Но вистината е јасна, 20 години ја цицаа државата, беа недопирливи и без одговорност. Денес дел од нив бегаат, дел се кријат, а дел се тресат од страв од апсење, затоа што знаат што направиле“, се вели во вчерашното соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.






