„Затоа не нè изненадуваат чекорите на овој сегмент на власта, ниту пак институциите кои успеаја да ги заробат, како што се Уставниот суд, Јавното обвинителство и други.
Секоја од овие институции активно работи на спроведувањето на изборната програма на ВМРО и на ветувањата на Мицкоски: преку укинување на ‘балансерот’, уривање на механизмите за заштита од мајоризација, отстранување на албанскиот јазик од институциите, како и исклучување на Албанците од повисоките позиции во администрацијата, безбедносните служби, одбраната итн“, се вели со денешното соопштение на ДУИ.
Но, она што е навистина потресно за ДУИ е што „остатоците од Вреди во оваа Влада, преку шокантна поддршка, ја легитимираат и практично ја потврдуваат оваа политика на власта“.
„Уценети и заробени, тие создаваат лажна слика дека владата е мултиетничка и дека во неа некој ги штити интересите на Албанците. Албанците не се наивни и никогаш нема да прифатат да бидат предмет на ‘дигитален инженеринг’ од страна на власта, без оглед на тоа што во таа операција активно учествуваат и Албанци од Вреди. Овие обиди нема да поминат. За тоа ги уверуваме и Албанците, но и тие што стојат зад овие опасни обиди за иднината на државата“, испраќаат порака ДУИ, најмногу насочена до Вреди.
На реакцијата на ДУИ, веднаш возвратија од Вреди, порачувајќи дека ќе бараат кривична одговорност за сите оние кои, без никаква правна основа, ја измислија категоријата ‘нерезиденти’,намерно исклучувајќи ја дијаспората од официјалните податоци“.
„Дури и по одлуката на Уставниот суд со која поделбата ‘резиденти/нерезиденти’ беше прогласена за неуставна, ДУИ не дава никакви одговори: Кој ја донесе одлуката да биде избришана албанската дијаспора од пописот на населението во 2021 година? По која цена беа продадени Албанците во овие валкани зделки? Коалицијата Вреди ќе бара кривична одговорност за сите оние кои, без никаква правна основа, ја измислија категоријата ‘нерезиденти’, пречекорувајќи ги своите надлежности и намерно исклучувајќи ја дијаспората од официјалните податоци“, велат од Вреди.
Истовремено ја информираат јавноста дека не разговарале за попис пред редовниот рок и дека нема да има друг попис следната година.
„Секој иден попис мора да биде резултат на длабинска анализа и политички консензус. Таа мора да ја исправи измамата на ДУИ и на СДСМ и да обезбеди фер, инклузивен и прифатен процес од сите страни. Вреди останува цврсто во одбрана на албанската дијаспора, која со децении е главен столб на економскиот, социјалниот и националниот опстанок на Албанците во Македонија. Тие не се ‘нерезиденти’, туку се неразделен дел од нашата нација и директен придонесувач за развојот на нашата земја.
Предавството што ДУИ го изврши против нашата дијаспора никогаш нема да се заборави. Тоа е црна дамка врз политичката совест на оваа партија. Но, сега, по одлуката на Уставниот суд, достоинството на секој Албанец се врати. Ова е победа за вистината и правдата. Албанската дијаспора претставува и ќе продолжи да претставува легитимен дел од националниот процес на донесување одлуки. Вреди секогаш ќе стои на нејзина страна“, се наведува во реакцијата на Вреди.