„Сместувањето на десетици жени и мажи во три канцеларии, без столчиња, без работни маси, без компјутери, без елементарни средства и без каков било професионален ангажман, при што се принудени да стојат од 8 до 16 часот, претставува отворена форма на институционален мобинг и психолошка тортура.
Фактот дека овие вработени, за да го преживеат работниот ден, биле принудени да импровизираат седејќи на подот и носејќи ќебиња од дома, претставува државен срам кој го нарушува човечкото достоинство и ги крши сите законски, морални и европски стандарди.
Уште потешко е однесувањето по овој чин. Наместо институциите да преземат одговорност за нечовечките услови што ги создале, снимките од оваа состојба беа јавно злоупотребени за морален линч, додека премиерот отиде дотаму што ги обвини овие вработени за ‘аморалитет’ “, се вели во реакцијата на ДУИ.
Во соопштението се нагласува дека станува збор за Албанки, за мајки, за сестри и сопруги, кои биле понижени од сопствената држава, а потоа и јавно нападнати од страна на првиот човек на Владата.
„Ова е премината црвена линија и не смее да се релативизира, оправдува или премолчува. Дополнително, во врска со овие настани се напаѓа и ДУИ, иако станува збор за државни службеници, на кои токму државата е должна да им обезбеди достоинствени услови и третман.
Премиерот има морална и политичка обврска веднаш јавно да им се извини на овие жени, на нивните семејства и на целата албанска заедница за навредливиот јазик и за легитимирањето на практика која потсетува на најмрачните методи на институционална дискриминација.
ДУИ бара целосна политичка и административна одговорност за овој скандал, итен прекин на овој нечовечки третман и враќање на нормални и достоинствени услови за работа за сите вработени.
Државните институции не смеат да се претворат во простори за колективно казнување врз етничка основа. Човечкото достоинство не е привилегија, туку основно право кое не се преговара“, се порачува во реакцијата на ДУИ.






