четврток, 12 март 2026

ДУИ бара оставка од Костадиновски, ако не, се заканува со „последици по меѓуетничките односи“

Демократската унија за интеграција остро реагира на скандалозните и неприфатливи изјави на претседателот на Уставен суд Дарко Костадиновски. Со неговите ставови и со серија одлуки во текот на изминатите две години, тој покажа дека оваа институција е претворена во политичка алатка за поткопување на секое достигнување што произлегува од Охридскиот мировен договор, реагираат од ДУИ откако вчера Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи во врска со поставувањето на системот безбеден град во Скопје, Тетово и Куманово. Од коалицијата Вреди пак, денеска реагираа дека  „овој состав на Уставниот суд се однесува како југословенска политичка елита“.

Објавено на

часот

Сподели

„Неговите изјави во врска со проектот ‘Безбеден град’, според кои смс пораките треба да се испраќаат само на македонски јазик, додека можат да се испраќаат и на англиски, но не и на албански јазик, претставуваат отворен акт на дискриминација и сериозно кршење на духот и на самиот Устав на државата. Со оваа постапка, претседателот на Уставниот суд не само што ги надминува своите надлежности, туку брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата. Уште еднаш се потврди дека албанските судии и турскиот судија во овој суд беа надгласани, враќајќи практики што јавноста ја потсетуваат на најмрачните времиња од деведесеттите години“, реагираат од ДУИ.

Затоа од партијата бараат итна оставка од претседателот на Уставниот суд Костадиновски и од „секој судија кој ги дели истите дискриминаторски ставови во изминатите две години преку мајоризација“.

„Во спротивно, од денес па натаму тој ќе сноси целосна одговорност за секоја последица што може да се појави на планот на меѓуетничките односи. Ние ќе дејствуваме и ќе бараме одговорност за овие ставови, кои не се ниту случајни ниту од денес, туку се градени систематски во текот на последните две години. Неговото однесување претставува класичен пример на партиски војник кој е подготвен да запали цела држава за тесни лични интереси“, тврдат од ДУИ.

Партијата тврд дека ваквите ставови на Костадиновски се исклучиво за тоа неговата сопруга од основен судија да биде унпаредена во судија во Апелацискиот суд Скопје.

„Дали вреди да се уриваат државата и Уставот само за, по завршувањето на вашиот мандат, да најдете академско засолниште како професор на Универзитетот Гоце Делчев, додека на Универзитетот во Скопје ви се затворени вратите? Дали спиете мирно со сите овие прекршувања што произлегуваат од злоупотребата на вашата службена позиција? Запомнете, Костадиновски за овие постапки ќе одговарате, порано или подоцна, но ќе одговарате“, му се закани ДУИ на Костадиновски.

Според ДУИ одговорноста за ваквата одлука на Уставниот суд ја сноси и коалицијата Вреди која според ДУИ се и без сила и без глас.

„ДУИ останува цврсто определена во одбрана на уставниот поредок, еднаквоста и духот на соживот во државата. Секој обид за нарушување на овие принципи ќе добие соодветен политички и демократски одговор“, пишува во реакцијата на ДУИ.

Од коалицијата Вреди пак, денеска реагираа дека  „овој состав на Уставниот суд се однесува како југословенска политичка елита“.

„Како легалисти сакаме да ја почитуваме нормативната максима дека пресудите на Уставниот суд не се коментираат, особено од партиите, бидејќи тоа по автоматизам се толкува како политички притисок. Сепак, пред сè како луѓе, а после како партија не можеме да избегаме од впечатокот дека овој состав на Уставниот суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца“, се вели во соопштението од Вреди.

Оттаму велат дека употребата на албанскиот јазик е основно човеково право кое е една од темелните вредности на Уставот и тоа важи и за системот „Безбеден град“.

„Вреди ќе го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема. Фактот што денес сè уште се отвораат дилеми за прашања кои одамна требало да бидат затворени, е директна последица на неодговорноста и манипулациите на оние кои со децении владееја и лажно се фалеа дека ги затвориле сите крупни прашања за Албанците, додека во меѓувреме се богатеа на грбот на народот. За жал, тие ни оставија систем целосно еродиран на сите нивоа, кој сега мора трпеливо да го поправаме“, велат од Вреди.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ