„Правосудниот испит е во директна надлежност на Министерството за правда. Непреземањето мерки за обезбедување полагање на испитот и на албански јазик претставува свесно непостапување по законската обврска.
Со тоа се создава основ за одговорност за: злоупотреба на службената положба и овластувањето; несовесно вршење на службената должност кога службено лице; со пропуст или одбивање, им го скратува законски загарантираното право на граѓаните.
Дополнително, ограничувањето на употребата на албанскиот јазик во државна постапка претставува повреда на правото на употреба на јазикот, а јавното релативизирање на тоа право создава атмосфера на исклучување и содржи елементи на поттикнување нетолеранција на меѓуетничка основа, што е санкционирано со Кривичниот законик“, реагираат од ДУИ.
Од ДУИ бараат Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да спроведе инспекциски надзор за правосудниот испит и да поведе постапки за прекршок против Министерството за правда и одговорните лица.
„Јавното обвинителство да утврди дали постојат елементи за кривично гонење за злоупотреба на службена положба, непостапување по службена должност и поттикнување нетолеранција.
Министерот за правда да сноси лична одговорност за секое дејство или пропуст со кој се попречува спроведувањето на законот. Законот е јасен. Неговата примена не е избор. Секое попречување има правни последици“, порачуваат од ДУИ.






