четврток, 22 јануари 2026

ДУИ алармира: Корупцијата станува норма, довербата во институциите е сериозно нарушена

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради сериозното влошување на состојбата во борбата против корупцијата и институционалната деградација во државата, се вели во соопштението на ДУИ.

Објавено на

часот

Сподели

Според најновиот извештај на „Транспаренси интернешнал“, Македонија бележи пад од 12 места на Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година и се рангира на 88. место од вкупно 180 држави, со само 40 поени. Овој драстичен пад, како што се наведува, е јасен показател за губењето на јавната и меѓународната доверба во државните институции.

Од ДУИ посочуваат дека како опозиција оценуваат оти актуелната Влада не само што не успеала да се справи со корупцијата, туку со своите постапки дополнително ја нормализирала.

Алармантни се и податоците од Факултетот за безбедност, според кои секој трет граѓанин или близок член на неговото семејство имал контакт со корумпиран службеник. Овој факт, според експертите, повеќе не претставува само морално или административно прашање, туку системската корупција претставува сериозна закана за државната безбедност, бидејќи ги парализира институциите и го поткопува функционирањето на демократскиот поредок.

Паралелно со овој институционален неуспех, парламентарното мнозинство го усвои Законот за контрола на индустриските емисии, кој, според организацијата „Грун хјуман ситу“, отвора простор за нови еколошки скандали. Со овој закон, како што се наведува, на индустријата ѝ се овозможува преку прогласување на деловна тајна да крие од граѓаните витални информации за видот на отпадот што се согорува во фабриките.

Со ваквото законско решение, на граѓаните им се ускратува основното право да знаат дали се загрозени нивното здравје и животната средина, додаваат од ДУИ.

Од партијата оценуваат дека корупцијата во државата се продлабочува и станува општествена норма, дека државната безбедност и довербата на граѓаните во институциите се сериозно нарушени, како и дека транспарентноста и заштитата на животната средина се жртвуваат во корист на тесни економски интереси.

Како сериозна политичка партија, ДУИ бара итна ревизија на антикорупциските политики и укинување на законските решенија што, според нив, ја штитат корупцијата, преземање политичка и институционална одговорност за падот на државата на индексот на корупција, како и целосна транспарентност за индустриските активности што директно влијаат врз здравјето на граѓаните.

ДУИ, како што се наведува во соопштението, останува посветена на заштитата на јавниот интерес, владеењето на правото и изградбата на доверливи институции во служба на граѓаните, а не на корупцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ