Од ДСЗИ наведуваат дека со оглед дека во тек е патоанатомска обдукција, точната причина за смрт ќе произлезе од извештајот по нејзиното завршување.
„Согласно надлежностите, од увидот на медицинската документација и здравствена евиденција констатирано е дека доенчето У. М старо два и пол месеци, родено на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство Скопје било донесено на оделот за педијатрија во болницата на 12 јануари со упат од матичен лекар заради чести повраќања (четири до пет во тек на 24 часа) и поспаност. На прием тоа е прегледано од специјалист педијатар и назначени се биохемиски иследувања, поставена е дијагноза R11 (гадење и повраќање). На прием тоа било без покачена температура, со висока сатурација, свесно, реагирало на дразби. Била вклучена инфузиона терапија. За време на болничкиот престој вклучена била и исхрана преку уста со адаптирано млеко на секои два часа. На 13 јануари 2026 состојбата на доенчето била стабилна и било афебрилно“, посочуваат од ДСЗИ.
Ден подоцна, на 14 јануари била повторена анализа на урина и бил добиен уреден наод.
„На визита спроведена во 15:30 часот истиот ден здравствената состојба била стабилна, а во 20:48 часот дежурниот лекар бил известен од сестрата на оддел и мајката дека доенчето не дише по што веднаш било префрлено во соба за интервенции. Констатирана е генерализирана цијаноза и отпочнато е со реанимација од страна на педијатарот и специјалист анестезиолог по протокол која траела 40 минути, но без одговор“, велат од ДСЗИ.
Во извештајот како основна причина за смрт од анестезиологот е наведена ненадејна смрт на доенче’. Случајот бил разгледан и на стручен колегиум и од страна на Комисијата за квалитет, наведуваат од ДСЗИ и додаваат дека иницирале до министерот за здравство да се формира комисија за стручен надзор.






