вторник, 3 март 2026

Државните нафтени резерви се стабилни, уверуваат од МЕРМС

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) со посебно внимание ја следи состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици. Во рамки на своите надлежности, Министерството ја информира јавноста дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето, се наведува во соопштението на МЕРМС.

Објавено на

часот

Сподели

Од МЕРМС велат дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви (МАКОРА) има законска обврска да ги формира и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати во согласност со европската регулатива, која пропишува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови просечна потрошувачка или увоз.

„Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето. Во моментов, увозот на нафтени деривати е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои. Како Министерство, внимателно ја следиме состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот исток. Доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството“, велат од МЕРМС.

Оттаму додаваат дека цо овој момент, државните резерви се стабилни и според расположливите информации Македонија е меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.

„Како превентивна мерка, доколку утре се појави евентуален проблем на пазарот, државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа, еуродизел – 138.877.053 литри, еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри, екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри и мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми. Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата. Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ“, велат од МЕРМС.

Од Министерството уверуваат дека овие капацитети се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба.

„Со ваквиот систем на надзор и контрола се гарантира сигурноста на државните резерви и стабилноста на снабдувањето. Доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци. Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот“, смируваат од МЕРМС.

Според нив, системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност.

„Иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати. На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето“, се наведува во соопштението на МЕРМС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ