четврток, 25 декември 2025

Државниот врв упати честитки за Божиќ на католиците во Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх Струмичко-скопски и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според грегоријанскиот календар.

Објавено на

часот

Сподели

„Со особено задоволство, на сите верници кои го прославуваат Божиќ според грегоријанскиот календар, срдечно Ви го честитам денот на Христовото раѓање – Божик. Нека овие светли празнични денови Ви донесат добро здравје, духовен мир и радост, исполнувајќи ги Вашите домови со спокој, љубов и топлина. Божиќ, како еден од највозвишените христијански празници, нè потсетува на вечните вредности: солидарноста, човечноста и надежта, коишто ги зближуваат луѓето и ја зајакнуваат вербата во подобра иднина“, порача Сиљановска-Давкова.

Во овие зимски денови, додава македонската претседателка, божиќните празници нека бидат поттик за чинење добри дела и взаемно почитување.

„Да даруваме насмевки, да негуваме човечка блискост и да бидеме носители на ведрина и позитивна мисла во секојдневието, споделувајќи радост со сите околу нас“, пишува претседателката во честитката.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши во име на законодавниот дом им го честита празникот Божиќ на католичките верници во државава.

„Божиќните празници носат пораки на мир, солидарност, човечност и меѓусебно почитување, вредности кои се темел на секое демократско и мултиетничко општество. Токму преку заемно разбирање, почитување на различностите и заедничка посветеност кон општото добро, ја градиме стабилноста и иднината на нашата држава. Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, семејна топлина и спокој, со надеж и оптимизам за годината што претстои. Среќен Божиќ“, напиша Гаши во честитката.

Воедно и премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до верниците кои го слават Божиќ според грегоријанскиот календар, со желби за благосостојба, духовен мир и добро здравје.

„Овие празнични денови нека ги исполнат домовите со радост, љубов и божји благослов. Нека раѓањето на Спасителот ни донесе надеж, единство и топлина во срцата, особено во времиња кога ни е потребна заедничка сила и поддршка. Да подадеме рака кон нашите ближни и нашите сограѓани, без оглед на разликите, на оние на кои им е потребна нашата помош, на најранливите категории и на сите оние на кои се соочуваат со предизвици“, наведува премиерот во честитката.

Божиќ, пишува премиерот во честитката, е празникот на дарувањето и споделувањето на меѓусебна љубов и разбирање.

„Нашата традиција како земја и општество нè научила низ вековите дека заедно сме посилни и заедно можеме да ги надминеме сите препреки и искушенија пред кои сме биле исправени. Во духот на божиќната порака за мир и добра волја меѓу луѓето, посакувам голем напредок, перспектива и стабилност на нашата татковина. Празничните мигови нека ни бидат потсетник дека треба да се обединиме, бидејќи заедно можеме да градиме посилна, заедничка и поуспешна Македонија – земја во која секој граѓанин се чувствува ценет, заштитен и исполнет со надеж за поубава иднина“, наведува премиерот во честитката.

Мицкоски натаму порачува дека наша должност како генерација е да се бориме и со божја промисла, да се избориме за подобар живот и подобра Македонија за сите нас како народ и за нашите идни поколенија кои доаѓаат.

„Да работиме посветено за да изградиме стабилна, економски силна и праведна држава, која ќе даде можност на сите за работа и среќен живот, тука во родната земја. Нека божиќната светлина ги осветли нашите заеднички цели кон подобро утре! Среќен и благословен Божиќ! Христос се роди!“, вели премиерот во честитката по повод католичкиот Божиќ.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ