четврток, 2 април 2026

Државниот обвинител Савески жали за Ристоска, вели преку смс порака го известила за оставката

Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска преку писмена изјава реагираше на оставката на обвинителката од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Ленче Ристоска велејќи дека жали за таквата одлука. Дополнително, Савески вели дека Ристоска го известила преку смс порака, а за причините за оставката дознал од медиумите. Претходно денеска, Ристоска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител со тврдење дека правдата е ставена под притисок, а клучни случаи за висока корупција се доведени во опасност.

Објавено на

часот

Сподели

„Во принцип не сакам да коментирам лични одлуки, но, она што сакам да го истакнам е дека Јавното обвинителство останува без јавен обвинител од кој очекував дека со своето повеќегодишно драгоцено искуство ќе даде придонес кон зајакнување на капацитетите на оваа институција, особено со нејзината позиција како обвинител за врски со Европравда. Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од моите претходници не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска“, се анведува во писмената изјава на Савески.

Тој појаснува дека таквата одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на Јавното обвинителство.

„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите јавни обвинители заедно и секој поединечно, да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот професионален интегритет и секојдневна работа. Воедно, упатувам повик и до сите општествено влијателни субјекти да создадат атмосфера во која угледот на обвинителството нема да се загрози, бидејќи тоа е во интерес не само на јавното обвинителство, туку и на сите граѓани кои што ги остваруваат своите индивидуални права и слободи меѓу останатото и преку работата на оваа институција. Сите одлуки што ги носам од почетокот на извршувањето на оваа функција и што ќе продолжам да ги носам се во насока да ја гарантирам независноста и самостојноста во работењето на Јавното обвинителство“,  вели државниот обвинител Ненад Савески.

Поранешната специјална обвинителка, сегашна обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје, Ленче Ристоска денеска поднесе оставка од функцијата со тврдење дека правдата е ставена под притисок, а клучни случаи за висока корупција се доведени во опасност.

Капката што ја прелеала чашата, според неа, се последните одлуки на правосудните институциите, Советот на јавни обвинители кој ја отфрли нејзината претставка за напад врз интегритетот,и онаа на државниот јавен обвинител, Ненад Савески кој ѝ ги одзел овластувањата за работа на клучни предмети од висока корупција на кои таа работеше, предмети кои се наоѓаат во фаза на завршница.

„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е Обвинителство што работи надвор од политички влијанија, ги штити своите
професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да дејствувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител“, вели Ристоска во пишаното соопштение.

Овој потег, вели Ристоска, не е само личен удар, туку директен ризик за исходот на предмети што таргетираат висока корупција и организиран криминал.

„Овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на обвинителството“, предупредува Ристоска, алудирајќи дека правдата може да биде загрозена токму таму каде што најмногу боли, кај случаите против моќните.

Ристоска уште вели дека се обидела да го промени обвинителскиот систем и одвнатре, со кандидатура за државен јавен обвинител, „со визија за институција независна од политика и посветена на јавниот интерес“. Но, наместо поддршка, како што вели добила, спротивно, одлуки што се косат со таа визија.

Во атмосфера каде, според неа, нема простор за работа без компромис со принципите, одлуката за нејзина оставка била неизбежна.

„Затоа во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи што најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи. Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели – такви што ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на разни нивоа, институционални и лични. Во текот на годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување законски решенија, чување предмети во фиока и застарување предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството, без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците врз мојата кариера“, напиша Ристоска во писмената изјава испратена до јавноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ