Имаат пилот-проект од Владата на Словенија за информациски систем односно софтвер, на кој дигитализираниот материјал, рече, ќе го закачат и ќе биде достапен за научната јавност и за заинтересираните граѓани. Со оглед дека иднината е во електронски документи Богески соопшти дека ќе изработат план за техничките услови што треба да ги создадат за Архивот за наредните сто години и планот ќе го претстават пред Владата.
„Доаѓа ерата на електронски документи, кои ќе треба некаде да се складираат. Треба да се формираат информациски системи – дали ќе бидат на облак или на сервери и потоа тие системи треба да бидат заштитени од кибернапади. Тоа ние треба да го одработиме во овој период. Кадар ни недостига особено во информатичката технологија, но се снаоѓаме, праќаме луѓе на обука. Од септември Државниот архив ќе понуди финанисрања за дооформување на знаењето и за дообука на одреден број на вработени, кои го немаат соодвето знаење“, изјави Богески.
По 40-ина години поминати во стариот објект (од 1969), Државниот архив од 2014 година е сместен во нов објект и таму беа оштетени документи во архивските депоа поради проблемот со протекување. Богески изјави дека проблемите се санираат и оти состојбата сега е многу подобрена.
„Во депоата секојдневно се санираат проблемите што ќе се појават, не е истата состојба од пред неколку месеци, сега се во многу подобра состојба од претходно. Се надеваме дека во најскоро време ќе ги решиме сите и дека повеќе ќе немаме проблеми од таков вид. Во однос на конзервацијата и реставрацијата, секторот го дополнивме со нови вработени и веќе работиме секојдневно на оштетените документи. Дополнително, со Архивот на Турцоја имаме склучено договор и мислам дека во мај таму ќе испратиме тим на дообука за современи методи на конзервација и реставрација“, рече Богески.
За набавка односно откуп на документи поврзани со Македонија, кои се наоѓаат во архивите на други земји, како што рече, имаат програма за истражување и нив да ги донесат овде, но дека процесот е скап.
„Правиме програма во која ги вклучуваме и Институтот за национална историја и Катедрата за историја на Филозофскиот факултет и онаму каде што ќе имаме средства несомнено дека ќе испратиме луѓе и ќе донесеме документи и материјали што се поврзани со Македонија. Во Државниот архив, исто така, имаме околу 3.500 микрофилмови, архивска граѓа донесена од други држави, но, за жал, досега не се обработени и не знаеме што содржат. Формиравме тим со задача да направи попис и опис на тие микрофилмови, да знаеме точно со каква граѓа раполага Државниот архив. Се надеваме дека ќе дојдеме до голем број документи што ќе бидат од исклучително значење за нашата држава“, истакна Богески.
Според директорот на Државниот архив, може да се гордееме со стари и ретки документи и со нивното соодветно чување. Најстариот документ е Евангелието на Лука од 12 век, најден во фондот на охридското семејство Робевци од 19 век. Раритетни и исклучително значајни, рече, се и документите од османлискиот период.
„Во нашите депоа имаме документи што ни самата Османска империја ги немала, како на пример Битолскиот кадилак, кој во период од 1629 до 1912 година во континуитет се наоѓа тука, во Македонија, а го немала Империјата, па врз основа на меморандум за соработка беа тука (истражувачи од Турција), ги дигитализираа и сега ги поседуваат, но во дигитална форма. Она на што ние може да се гордееме е дека оригиналите се наоѓаат кај нас во Државниот архив. И не само тоа – целиот континуитет на државноста на Македонија, основните документи се наоѓаат во Државниот архив, и затоа денес нашето мото е ‘Столб на македонската држава’, изјави Богески.
Во согласност со меморандумот, Државниот архив со Турција соработува и за истражување на архивите во таа земја од османлискиот период поврзани со Македонија.
„Врз основа на тој меморандум и од досегашните искуства ние немаме проблем за истражување. Единствен проблем се финансиските средства. Кога ќе имаме доволно финансии за истражување, ние праќаме истражувачи таму, архивот е отворен и немаме проблем со истражување во таа ризница на документи кои се поврзани со Македонија“, додаде директорот на Државниот архив.
На настанот по повод јубилејот беа доделени благодарници на поддржувачите и пријателите на Државниот архив.






