Ревизијата утврди несоодветно постапување на Одделението за прекршочна, судска и управна постапка, како и на Прекршочната комисија, што имало директно финансиско влијание врз државниот Буџет. Поради застареност на предметите и недовршени прекршочни постапки, државата останала без наплата на средства во износ од 127,7 милиони денари, односно околу 2,08 милиони евра. Само до ноември 2024 година биле донесени 1.534 решенија за запирање на прекршочни постапки.
Дополнително, ревизијата покажала дека иако Прекршочната комисија е формирана уште во 2019 година, реалното постапување по предметите започнало дури во 2022 година, при што документацијата до Комисијата се доставувала со задоцнување од неколку години, а изготвувањето на актите траело од два до седум месеци. Притоа, Одделението не изготвувало редовни извештаи за своето работење, спротивно на интерните правилници.
Сериозни пропусти се утврдени и во делот на информациската безбедност. Министерството функционирало со само 25 проценти од предвидениот ИТ кадар, без воспоставени политики за безбедност, анализа на ИТ ризици и назначено одговорно лице. Овие слабости, според ревизијата, довеле до таргетиран неовластен ИТ напад во септември 2024 година, при што биле изгубени и делумно неповратно уништени податоци, вклучително и електронската евиденција на предмети од Правниот сектор.
Во извештајот се посочуваат и неправилности во јавните набавки поврзани со оградување на парцели за фотонапонски електроцентрали. Втората фаза од проектот, со договорна вредност од над 420 илјади евра, не била реализирана, без предвидена банкарска гаранција и без преземени правни мерки за наплата на договорни казни, со што не се постигнати целите на договорот.
Ревизијата детектирала и системски слабости во законската рамка за угостителската дејност, особено во процесот на издавање лиценци и категоризација. Не се вршеле задолжителни проверки на минимално-техничките, санитарните и безбедносните услови, не постои централен регистар на издадени лиценци, а инспекцискиот надзор бил делумно спроведен – од планираните 60 редовни контроли, реализирани биле само 40, без ниту еден вонреден надзор.
За сите утврдени состојби, Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на недостатоците, при што надлежните институции се задолжени да преземат мерки за целосна имплементација, со цел подобрување на законитоста, финансиската дисциплина и ефикасноста во работењето.






