вторник, 3 март 2026

Државната фитосанитарна лабораторија веќе достапна на официјална интернет-страница

Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ), орган на државната управа во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), зачекори во дигиталната ера, со лансирање на официјалниот вебсајт https://dfl.mzsv.gov.mk/

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти, дигитализацијата ќе овозможи повисоко ниво на напредни и квалитетни лабораториски услуги, со цел обезбедување заштита на здравјето на растенијата, безбедноста на храната и контролата на квалитет на семе преку акредитирани, сигурни и научно засновани лабораториски анализи.

„ДФЛ обезбедува напредни и квалитетни лабораториски услуги за дијагностицирање и детерминирање штетни организми, биолошки тестирања, испитување на физички и хемиски својства на производите за заштита на растенијата, резидуи од пестициди во растително производство, анализа на активна супстанца, анализа на семенски и саден материјал, земање примероци од семе и параметри за одредување квалитет на земјоделски производи“, се наведува во соопштението.

Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ) е формирана во рамки на МЗШВ, во 2005 година, согласно Законот за здравје на растенијата, а има статус на биро – орган во состав на министерството.

Во 2005 година, со средства од националниот буџет и преку CARDS-програмата 2001, беше финансирано реновирањето на лабораториските простории во Земјоделскиот институт УКИМ, каде е сместена ДФЛ. Беше набавена и современа опрема. Дополнителна значајна поддршка беше обезбедена преку проектот за Национален интегриран фитосанитарен систем (NIPS), финансиран од Европската Унија и управуван од тогашната Европска агенција за реконструкција (ЕАР), а денес од Европската комисија. Овој проект обезбеди техничка помош за воспоставување и јакнење на ДФЛ како клучен столб на националниот фитосанитарен систем.

Официјалното отворање на Државната фитосанитарна лабораторија беше на 9 јуни 2006 година, во присуство на претставници на Владата и Европската Унија.

Во изминатите години, ДФЛ континуирано добива поддршка преку бројни меѓународни проекти, кои значително придонесоа за зајакнување на институционалните и стручните капацитети на лабораторијата, преку трансфер на знаење, информации и практично ноухау.

Статутарниот опсег на работа на ДФЛ подразбира континуирана едукација и професионален развој на кадарот, постојано следење и воведување нови методи за анализа и дијагностика на болести и штетни организми, како и активна соработка со реномирани меѓународни лаборатории и научни институции. Работата на ДФЛ има директно влијание врз квалитетот и безбедноста на домашното земјоделско производство, зголемувањето на извозот на земјоделски производи и обезбедувањето безбедна храна од растително потекло на домашниот пазар.

На 15 март 2013 година, Државната фитосанитарна лабораторија се стекна со сертификат за акредитирана лабораторија издаден од Институтот за акредитација на Република Македонија. Со оваа акредитација, ДФЛ се позиционира како една од водечките фитосанитарни лаборатории во регионот на Југоисточна Европа, споредлива и конкурентна со фитосанитарните лаборатории во земјите членки на Европската Унија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ