Од Државната лотарија велат дека своето работење го темелат исклучиво врз принципите на законитост, правна сигурност и институционална отчетност, па затоа ангажирале правни експерти како нужна реакција на, според нив, правно неодржливите, финансиски штетни и институционално опасни постапувања на поранешниот управен и надзорен одбор, како и на поранешната Влада во својство на основач на друштвото.
„Правната поддршка опфати формулирање на целосна процесна стратегија, правна квалификација на основите за престанок, утврдување на формално-правните предуслови за донесување на одлуките и управување со сите идентификувани правни и финансиски ризици и, заедно со ангажираните адвокати без нивен надомест во рамките на неговиот тим, обезбедува застапување и континуирана правна заштита пред надлежните органи и судови. Со издвојувањето и преземањето на уделот во постапката за престанување на НОВО ВЛТ, Државната лотарија постапи целосно законито, институционално дисциплинирано и одговорно, обезбедувајќи правно чисто затворање на друштвото и трајна заштита на интересите на државата. Истото беше реализирано во соработка и во духот на добри деловно-партнерски односи со другиот содружник, Друштвото за услуги ХТЛ ДОО – Скопје, на престанатото друштво. Постапките за останатите друштва се во напредна фаза и ќе резултираат со нивно престанување, со судски одлуки, со што ќе се елиминираат последиците од нивното незаконско основање и работење, а во согласност со одлуката за престанување на друштвата донесена од Владата, во својство на основач на Друштвото“, велат од Државна лотарија.
Исто така, велат од ова АД, ангажирани се и други истакнати стручњаци од науката и практиката за прашања од системски карактер односно поимно разграничување меѓу јавен сектор и државна сопственост, како и правно уредување на внатрешната организација и систематизација на работните места во дирекцијата и повеќе од 315 подружници.
„Со преземените законски, управувачки и контролни мерки и ангажирањето на еминентни експерти, Државната лотарија спречи понатамошно нерационално трошење на јавни средства и истовремено елиминира ризици од дополнителна финансиска штета, обезбедувајќи долгорочна заштита на државниот капитал и институционалниот интегритет на друштвото“, велат од Државна лотарија.
Оттаму нагласуваат дека во периодот на поранешното раководство, во Државната лотарија биле ангажирани околу 190 лица со договор за дело.
„Новото раководство, водејќи се од принципите на рационалност, законитост и функционална оправданост, го намали овој број за повеќе од половина, односно на 95 лица. Од овие 95 ангажирани лица, над 60 се ангажирани на продажни места кои ја сочинуваат примарната продажна мрежа на Друштвото, лоцирани во трговски центри и сопствени уплатни места, додека останатите извршуваат контролни и административни задачи неопходни за непречено функционирање на системот. Лицата ангажирани во секторот маркетинг, меѓу кои има и јавни и препознатливи личности, вршат маркетиншки активности поради нивното влијание на социјалните мрежи и режисерските и уметничките способности на одредени ангажирани лица, насочени кон подобрување на позицијата на Државната лотарија на пазарот на игри на среќа“, велат од ова АД.
Од Државна лотарија потенцираат дека актуелното раководство на 12 септември 2024 година се обратила до Државниот завод за ревизија (ДЗР) поради увидени неправилности и нерегуларности во финансиското работење на Друштвото, со барање да се изврши ревизија на работењето на друштвото во претходниот период.
„По извршената ревизија во периодот од април до крајот на октомври 2025 година, во Извештајот на Државниот завод за ревизија констатирани се сериозни и системски неправилности во финансиското работење на Друштвото, и тоа во периодот на управување од страна на поранешното раководство. Ревизорските наоди укажуваат дека значителен дел од неправилностите во финансиското и сметководственото работење се поврзани со постапувања преземени од поранешната директорка на Секторот за финансии и сметководство, поставена од тогашното раководство на Друштвото. Во врска со овие постапувања, согласно достапните информации и известувањата и податоците со кои располага Државната лотарија, се спроведуваат предистражни дејствија од страна на надлежните органи, вклучително и Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство. Согласно наодите содржани во Извештајот, во периодот на поранешното раководство е утврдена злоупотреба на финансиски средства на Друштвото, и тоа непосредно од страна на поранешната директорка на Секторот за финансии и сметководство, со што е предизвикана материјална штета во износ од најмалку 3,5 милиони евра. Овие констатации претставуваат сериозен индикатор за нарушување на принципите на законитост, финансиска дисциплина и одговорно управување со јавните средства. За текот и исходот на постапките иницирани од актуелното раководство, што се водат пред надлежните институции, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана во наредниот период. Оттука, Државната лотарија нема намера да дозволи преку неколку поткасти, како што е Инфомакс.мк или слични портали да се релативизираат факти кои биле предмет на официјална ревизорска проверка и институционално постапување од страна на Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство“, велат од ова АД.
Државната лотарија ги охрабрува и ги повикува сите „критички настроени медиумски портали и поткасти, во интерес на точно, одговорно и професионално информирање на јавноста, како и во духот на автентичното истражувачко новинарство, своето внимание да го насочат кон суштинските и фактички утврдени прашања кои се однесуваат на настанатата материјална штета во повеќемилионски износ, изразена во евра, а предизвикана од постапувањата на поранешното раководство што е утврдено во Извештајот на Државниот завод за ревизија, а не кон пласирање на клеветнички, неосновани изјави и непроверени документи од поткасти и портали за кои постојат индиции дека неоснованите изјави и непроверените документи потекнуваат од лица за кои се водат предистражни постапки пред надлежните органи, а кои се насочени кон дискредитација на актуелното, законито, транспарентно и одговорно работење на друштвото“.
„На крајот, Државната лотарија јасно и недвосмислено укажува дека секој понатамошен обид за ширење дезинформации, манипулации и клеветнички наводи ќе биде третиран како сериозно нарушување на угледот на институцијата и ќе предизвика најостра, соодветна и правно заснована реакција, вклучително и преземање на сите расположливи законски средства за заштита на интегритетот и приватноста на вработените, а со тоа и на институционалниот интегритет на друштвото“, се наведува во соопштението на Државна лотарија.






