Листата на бегалци од правдата е разновидна, од лица во тинејџерска возраст до осомничени и осудени кои се на прагот на деветтата деценија од животот, што дополнително ја отвора дилемата за ефикасноста и брзината на институциите. Најмладото лице по кое е распишана потерница е Саитов Саит, роден во 2007 година, баран по централна и меѓународна потерница поради кривично дело по член 300 од Кривичниот законик. По него потерница е распишана пред неколку дена, откако со автомобил без возачка усмрти жена. На спротивниот крај од возраста е Волфганг Гампер, роден во 1945 година, по кого се трага со меѓународна потерница за кривично дело злоупотреба на службена положба.

На листата на потерници на МВР има и такви кои траат повеќе од 15 години.
Посебно загрижувачки се случаите во кои потерниците се активни повеќе од една и пол деценија. Во дел од нив, според безбедносни информации, не е тајна каде престојуваат лицата, но тие сè уште не се приведени и не се соочиле со правдата. Ова создава впечаток дека правдата не е недостижна поради незнаење, туку поради сложени политички, правни и меѓународни околности. Иако во јавноста се објавуваат и информации и фотографии од бегалците, ако влезете во судница и за нив има процес, судијата ќе каже: „Не се достапни на органите на прогонот“.
Таков беше случајот „Монструм“ кој и понатаму останува една од најконтроверзните и најболни точки во поновата судска историја на државата. На возраст од 18 до 21 година, на 12 април 2012 година беа убиени момчињата: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, а беше пронајден мртов и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.

Имињата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ со години се споменуваат како пример за лица кои успеале да ѝ останат недостапни на правдата, иако во јавноста постоеја широко распространети сознанија дека престојуваат на територијата на Косово, а дури и таму беа осудени за други кривични дела. Нивната недостапност за македонските правосудни органи резултираше со ситуација во која осомничени за петкратно убиство никогаш не се соочија со судска пресуда во земјава, ниту, пак, поминаа ниту еден ден во затвор.
Овој случај дополнително ја зајакна перцепцијата за немоќта на институциите кога станува збор за гонење на лица кои се надвор од државните граници, но и за недоволната ефикасност на меѓународната правна соработка.
За семејствата на жртвите, но и за пошироката јавност, ваквиот епилог претставува длабока неправда и отворена рана, која со години ја поткопува довербата во судскиот систем. Истовремено, случајот „Монструм“ се вбројува меѓу најчесто споменуваните примери кога се зборува за бегство од правдата, недостапност на осомничени лица и отсуство на конечна правна разрешница за едно од најтешките кривични дела.
Меѓу лицата по кои се трага, а се објавени на страната на МВР се наоѓаат и поранешни функционери и лица со значително политичко и општествено влијание, што ја зголемува чувствителноста на темата. Најпознато име на оваа листа е името на поранешниот премиер, Никола Груевски кој се бара за издржување на затворска казна и за случаи поврзани со тешки кривични дела. Покрај него, на листата се и Артан Груби, Васко Ковачевски, како и други лица поврзани со висока корупција и финансиски злоупотреби.
Токму ваквите случаи ја продлабочуваат перцепцијата во јавноста дека оние со моќ и врски полесно ѝ бегаат на правдата, додека институциите остануваат неми или немоќни.
Ниту еден кој добил етикета бегалец, не избегал од затвор со класични или драматично бегство, туку или ги користат луѓето кои ги имаат, или користат документи, врски, диви премини… и така правдата за нив замижува.
Податоците од МВР покажуваат дека ниту едно лице не побегнало од затвор со класично, насилно бегство. Нема пробиени ѕидови, прескокнати кули или спектакуларни бегства. Наместо тоа, бегството најчесто се случува пред започнување на судските постапки и пред отпочнување на издржување на затворските казни.
Овие податоци упатуваат дека проблемот не е во физичкото обезбедување на затворите, туку во раното предупредување, координацијата и контролата на движењето на осомничените лица. Факт е дека за дел од бегалците се знае каде се наоѓаат, но тие со години не се екстрадирани. Не помага ниту меѓународната соработка, ниту билатералните договори.
Случаите со долгогодишни потерници не се само статистика, тие се тест за владеењето на правото. Секој неприведен бегалец од правдата ја поткопува вербата дека сите се еднакви пред законот и дека институциите имаат капацитет да ја завршат својата работа, а довербата во правосудството ионака е на најниско порцентуално ниво.
Додека потерниците стојат активни со години, а познати имиња остануваат недостапни, прашањето не е само каде се бегалците, туку каде е правдата.
К.Д.







