Дури 13 мобилни телефони, како и лаптоп, беа најдени во затворската ќелија во Истражниот затвор во Шутка во која обвинетиот за големиот пожар во „Пулс“ Џеваир Камери, вработен во Министерството за економија, ја издржува мерката притвор за обезбедување присуство во текот на судската постапка.
Обвинетите што кријат мобилни телефони во ќелија, кои не им се дозволени, може да добијат самица, наместо затворска ќелија, за издржување на мерката притвор.
Судскиот процес за „Пулс“ денес продолжува со воведни зборови на одбраната за останатите обвинети лица. На минатото рочиште воведни говори дадоа адвокатите на осум обвинети лица, меѓу кои и газда Деко, сопственикот на дискотеката кој е првообвинет во оваа постапка.
На 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судењето е во тек.
К.Д.






