среда, 4 февруари 2026

Дрогата е сѐ подостапна, а полициските заплени сѐ повеќебројни

Новинарскиот впечаток од дневните билтени на МВР, според бројот на секојдневните заплени на дрога, дека полицијата е поангажирана во сузбивањето на нелегалната трговија, го потврдуваат и бројките. Од јули 2024 година до февруари годинава МВР заплени девет килограми кокаин, речиси исто колку што е запленето во четирите години од 2020 до 2023.

Објавено на

часот

Сподели

Според официјалните информации на МВР, во овој период особено значајни резултати се постигнати во борбата со недозволената трговија со дрога, кои резултираа со откривање на повеќе од 600 кривични дела, во кои се запленети над 200 килограми марихуана, девет килограми кокаин, повеќе од 10 килограми опиум, 1.300 таблети синтетичка дрога, над еден килограм амфетамин…

За овие седум месеци се сузбиени пет организирани криминални групи, од кои една поликриминална. Групите дејствувале меѓународно и локално, во делот на недозволената трговија со кокаин, амфетамин и марихуана, а во нив членувале над 40 лица.

Во јануари беше уапсена 14-члена организирана криминална група, која подолг период била активна на национално ниво во уличната продажба на дрога. Само во рамките на овој случај при извршените претреси во јануари и февруари запленети се околу шест килограми кокаин, како и помали количества марихуана и таблети екстази.

Во февруари на граничниот премин Богородица полицијата во соработка со царината спречи меѓународен транспорт во кој се запленети 188 килограми марихуана, пронајдена во товарно возило што требало да транзитира кон Грција, со крајна дестинација Турција.

Легалниот канабис во криминални канали

Впечатокот дека легализирањето на производството на канабис за медицинска употреба придонесе за зголемување на достапноста на марихуаната на црниот пазар, го потврдуваат и од МВР. Постои злоупотреба на законската регулатива, велат од МВР. „Трендовите се негативни, со зголемениот број отворени фабрики, паралелно се забележува зголемување на количествата марихуана во нелегалниот промет. Анализата на регулаторната рамка, практиките и полициските акции укажуваат дека системот е ранлив на корупција и пренасочување на марихуаната за црниот пазар. Недостатоците во надзорот и хиперпродукцијата на лиценцираните производители создадоа структурни услови за прелевање на легалниот канабис во криминални канали. Уште еднаш треба да повториме дека најголемиот корупциски случај со врховниот судија и со обвинителот од Советот за јавни обвинители е поврзан со случај за недозволено производство на марихуана во една од тие лиценцирани фабрики“, велат од МВР.

Во последните седум месеци детектирани се злоупотреби во три погони за производство на медицински канабис. Од правно лице од село Зубово, Ново Село, одземени се 9,487 килограми марихуана. Лани во декември од правен субјект во селото Јосифово запленети се 3.840 килограми различни сорти марихуана, кои ѝ се предадени на Агенција за управување со одземен имот.

Во изјава за МКД.мк министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека зголемениот број заплени и откриени случаи се должат на „поинтензивна активност на полицијата, зголемена и подобрена координација помеѓу организациските единици во МВР и подобра координација со другите институции, како и промена на методите и тактиката на работа во сузбивањето на криминалните групи“.

Зголемениот број регистрирани случаи не значи дека има повеќе дрога на нелегалниот пазар со дрога, туку дека органите на прогонот се поефикасни во борбата против наркокриминалот. Ако полицијата работи поинтензивно, може да се зголеми бројот на регистрираните случаи, но тоа не значи дека проблемот станал поголем – туку дека е откриен поголем дел од темната бројка на криминалот што реално постои.

Анализата на долгорочнит трендови, како што се податоците за заплени, кривични пријави и пресуди, може да даде поконкретен одговор за тоа дали проблемот се влошува или само станува повидлив поради засилените полициски акции. Министерството за внатрешни работи бележи евидентни резултати во областа на недозволената трговија со дрога, особено во делот на сузбиените организирани криминални групи, спречени меѓународни транспорти, заплени на наркотична дрога, откривање злоупотреби во правни лица што имаат лиценци за производство на марихуана за медицински цели“, вели Тошковски.

Полициските информации за уличните цени на наркотиците покажуваат дека цените на дрогата на криминалниот пазар се стабилни, а некаде веќе има трендови и на пораст, што значи дека цените растат во услови на потешка достапност. Но бројот на регистрираните зависници расте, што значи дека дрогата е подостапна. Сѐ уште е рано за период од шест месеци да се процени оваа состојба, велат од МВР.

Тие посочуваат и на нивните истраги за санкционирање на можните врски помеѓу наркогрупите и корумпираните полициски службеници или службени лица од другите институции. Еден од најголемите вакви корупциски случаи минатата година беше поврзаноста на врховен судија и јавен обвинител од Советот на јавни обвинители со недозволено производство и трговија на наркотична дрога (судијата Наќе Георгиев и обвинителот Иџет Мемети). Беа приведени и полициски службеници заради оддавање службени информации на криминални групи поврзани со наркотрговијата што води кон Јужна Америка.

Балкански картел

Од МВР потсетуваат на, како што велат, „риалити-шоуата“ на криминалните банди со исмевања на институциите по социјалните мрежи од затворите, од улиците, од ноќните локали, кога дури и ги најавуваа меѓусебните пресметки.

Во последните години криминалните групи што се занимаваат со трговија на дрога функционираат преку добро организирани мрежи, кои ги вклучуваат и регионалните криминални мрежи, но и наркокартелите од Јужна Америка. На меѓународен план дури и се воспостави посебна терминологија за постоење на т.н. Балкански картел. Најсилното оружје на овие транснационални мрежи се корупцијата и перењето пари. Таргетот на полицијата не се само криминалните групи, туку и нивната коруптивна врска со полицијата, со царината, а тие врски одат и до судството и обвинителството.

Оваа поврзаност создава мрежа на заштита на криминалните групи, која им дава безбедност и ресурси за да продолжат со својата работа. Со својата материјална моќ, овие групи го нарушуваат целиот систем на владеење на правото.

„За да се спречи ова, потребни се строго одвоени и професионални истраги, интензивна соработка со меѓународните партнери и засилена поддршка за реформите во правосудството. Затоа ќе повториме дека покрај конкретни активности за сузбивање на наркотрговијата, нашата приоритетна цел е таргетирање на коруптивните врски, зголемување на довербата за соработка со партнерските служби, а за прв пат наши полициски службеници инспектори се испратени во седиштето на Европол, со цел да обезбедиме оперативна поддршка на нашите истраги заедно со Јавното обвинителство преку директна размена на информации. За тоа беше потребна огромна енергија и доверба, која успеваме повторно да ја вратиме кај меѓународните партнерски институции, а која беше целосно руинирана“, вели Тошковски.

Перење пари преку недвижности, игри на среќа, јавни набавки…

Според сознанијата на МВР, перењето на парите од овој бизнис оди преку разни канали, но најчесто со купување недвижности, преку игрите на среќа, туризмот, јавните набавки и политиката.

Главните патишта за трговија со дрога се дел од поголеми регионални и меѓународни мрежи што ги вклучуваат земјите на Западен Балкан, Турција, и земјите на Европската Унија. Македонија е на важна позиција како транзитна земја, за хероин, канабис, кокаин, и синтетички дроги, кои потекнуваат од различни региони, од Централна Азија, Балканот и од Јужна Америка. Балканот е транзитна рута за наркокартелите, особено за хероинот од Блискиот Исток и Азија, но и за кокаинот од Латинска Америка.

Во Македонија кокаинот пристигнува директно од Јужна Америка, преку Шпанија, Бугарија и Италија. Марихуаната е од „домашно производство“ или од Албанија.

Кокаинот е најпопуларната дрога во Македонија, па следуваат марихуаната, хероинот и синтетичките дроги. Според заплената, најголеми количества има од марихуаната.

Трговијата со дрога е комплексен глобален феномен од кој профитираат различни структури – од наркокартели и криминални кланови, до корумпирани политичари, службени лица, финансиски институции и легални бизниси. Овој нелегален профит поддржува криминални мрежи и ја поткопува економската и политичката стабилност на земјата. Оваа пари потоа се користат за финансирање други криминални активности, купување на политичко и институционално влијание и перење пари преку легални бизниси.

Меѓународните наркокартели од Јужна Америка, Турција и Блискиот Исток се главните снабдувачи на хероин, кокаин, синтетички дроги и други супстанци. Овие групи остваруваат милијарди долари профит од глобалната трговија со дрога.

Криминалните групи од Албанија, Црна Гора, Србија и Македонија имаат клучна улога во транзитот и дистрибуцијата на дрогата во Европа.

Вредноста на криминалниот пазар со дрога е проценет на милионски суми.

Еве неколку примери за колкави суми станува збор. Во декември 2024 година беа запленети 4 тони марихуана. Цената на марихуаната на црниот пазар за еден килограм се движи од 1.000 до 3.000 евра во зависност од квалитетот (ТХЦ-вредноста). Според некоја средна вредност, 2.000 евра, 4.000 килограми марихуана на црниот пазар чинат осум милиони евра. Ако одиме според цените на уличната продажба, еден „џоинт“ тежи околу 2 грама, два милиони „џоинти“ по 5 евра = 10 милиони евра.

За време на акцијата со приведувањето на криминалната група на Штекли, беа запленети преку 6 килограми кокаин. На црниот пазар цената на кокаинот се движи околу 40 до 60 илјади евра за еден килограм. Или според некоја средна вредност, тие шест килограми кокаин чинат 300.000 евра. Едно пакетче, или една линија, содржи 0,5-1 грам кокаин и чини од 50 до 80 евра или 100 евра за 1 грам. Или, цената на улица на овие 6 килограми кокаин или 12.000 пакетчиња ако се продадат по некоја средна вредност од 65 евра, заработката е 780.000 евра.

Она што треба да се направи во моментов е да се почнат активности за подготовка на нова стратегија за сузбивање на трговијата со дрога. МВР тука не е единствениот фактор и чинител. Успешната борба бара координација и ангажман на повеќе институции бидејќи овој проблем има безбедносни, социјални, економски и правни димензии. Тоа е сложен процес што бара соработка помеѓу полицијата, правосудните органи, царината, здравството, финансиските институции, образованието, медиумите, невладиниот сектор, академскиот сектор… Во овој момент може да кажеме дека со меѓународна поддршка интензивно работиме на првата Национална стратегија за борба против организираниот криминал, која треба да биде презентирана наскоро со можност за понатамошна институционална координација, нејзино дополнување и усогласување и, се разбира, вклучување на јавноста. Очекуваме таа да биде усвоена во текот на оваа година, која треба да даде една јасна стратегиска рамка за системски пристап во борбата против комплексните предизвици како што се организираниот криминал и недозволената трговија со наркотични дроги. Секако, полицијата во меѓувреме интензивно продолжува со спроведување и остварување на своите законски надлежности“, рече Тошковски.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ